20.12.2017
Оваа година, на северната полутопка и во Република Македонија, зимата ќе пристигне утре (четврток 21 декември 2017 година), во 17 часот и 28 минути по средноевропско време. Во исто време, на јужната полутопка започнува летото. Воедно, утрешниот ден на северната полутопка ќе биде најкраток ден во годината (краткоденица или зимски солстициум), а на јужната полутопка ќе биде најдолгиот ден (долгоденица или летен солстициум). Во Република Македонија, најкраткиот ден ќе трае само 9 часа и 7 минути. Ноќта пак помеѓу четврток и петок, ќе биде најдолга за 2017 година и ќе трае цели 14 часа и 53 минути. Веќе од петокот (22.12), ноќите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат деновите и тоа до 22 јуни 2018 година. Според среднорочните прогнози на AccuWeather и повеќе други метео-центри, оваа зима на Балканот и во Македонија ќе биде просечна и значително потопла од минатогодишната (која беше изразито студена и снежна). Така, новогодишните празници ќе бидат без снежна покривка во поголемиот дел на државата, освен во повисоките-планински подрачја над 1500 метри. Нешто пообилни врнежи од снег се очекуваат во втората половина на јануари (по перихелот) и во февруари, кога ќе има краткотраен снег и во пониските делови.
Зимата ќе трае 89 дена и астрономски ќе заврши на 20 март 2018 година во 17 часот и 15 минути, за време на пролетниот еквиноциум (рамноденица) и во тој момент ќе почне пролетта. Инаку, на 3. јануари 2018 година, Земјата ќе биде во перихел – најблиску до Сонцето (на околу 147 милиони km), што особено ќе го почуствуваат жителите на јужната полутопка преку високите летни температури во тој дел.
Ви посакуваме на најубав начин да ја искористите најдолгата ноќ во 2017-та година од речиси 15 часа!
Автор: д-р Ивица Милевски