Најјужните глечери на Балканскиот Полуостров

16.12.2017

Глечерот „Снежника“ на планината Пирин.

Малку е познато дека во јужните делови на Европа, а посебно на Балканскиот Полуостров сѐ уште опстојуваат неколку мали глечери. Тие не се со големи димензии како што се алпските, меѓутоа сепак ги имаат сите глечерски карактеристики, како што се постојана (вековна) мразно-снежна маса која никогаш не се стопува, нејзино бавно движење со напрснување и деформации, формирани морени и др. Нивните димензии се мали: должината им изнесува 100-300 m, широчината 50-150 m, а површината до најмногу 3 хектари. Длабочината на снежно-мразната маса кај овие мали глечери, во научната литература познати како глациерети, обично е од 10 до 20 m. Мерењата пак, на старотста на нивниот мраз, укажуваат дека тие настанале пред најмалку 400 до 500 години, што се поклопува со последното краткотрајно глобално заладување или Малото ледено доба.

Глечерот „Маја е Колацит“ на Проклетие.

Според последните сознанија, најјужен глечер на Балканскиот Полуостров, а и во Европа е глечерот Снежника, кој се наоѓа под врвот Вихрен, на планината Пирин во Бугарија. Овој глечер се наоѓа на 41°46’ с.г.ш. Малку посеверно се наоѓа глечерот Бански Суходол, кој е незначително поголем од претходниот. Истиот е на 41°50’ с.г.ш. Овие два глечери се наоѓаат на височина помеѓу 2.400 и 2.600 m. Нешто посеверно од пиринските глечери е глечерот „Маја е Колацит“, кој се наоѓа на северната страна на планината Проклетие (Албанија), близу до границата со Црна Гора. Географската широчина на овој глечер изнесува 42°27’, а истиот се наоѓа на околу 2.400 m н.в. и зафаќа површина од околу 2 ha. На истата планина има уште неколку снежно-мразни маси кои се задржуваат преку цела година, меѓутоа истите не се сметаат за типични глечери, туку повеќе за снежни крпи.

На планината Дурмитор, исто така, постои еден мал интересен глечер, наречен „Дебели Намет“. Овој глечер се наоѓа под врвот Шљеме, на 43°07’ с.г.ш. и на надморска височина помеѓу 2.050 и 2.200 m. За наго е интересно тоа што, според мерењата во последните шест децении, речиси воопшто не ги менува димензиите, така што должината му е околу 300 m, а ширината околу 100 – 150 m. Просечната површина на глечерот е околу 2,5 – 3 ha, а дебелината на мразот варира помеѓу 8 – 13 m. Иако е доста ниско (под современата снежна граница која е на околу 3000 метри), се смета дека главна причина за опстојување на овој глечер е голема количина на снежни врнежи во текот на годината, од близу 5.000 mm.

Глечерот „Дебели Намет“ на Дурмитор.

Според температурните прилики и надморската височина на споменатите глечери, всушност ниту еден од нив не би требало да постои. Сепак, на местата каде се јавуваат, постојат изразито поволни микроклиматски и релјефни услови: поставеност на сосема осојни (северни) подножја под високи врвови, на места речиси целосно засолнети од сончевите зраци, на локации со релативно голема количина на снежни врнежи или со поволен релјеф за снежни навеви и лавини (со кои се храни глечерот) и главно на водопропусни варовнички карпи. За сите нив се смета дека најверојатно настанале во Малото ледено доба, а можеби и порано. Ова го потврдува и староста на подолните мразни слоеви од 300 до 500 години.

Без оглед што на територијата на Република Македонија има 12 планини повисоки од 2000 метри, од кои 5 повисоки од 2500 метри, сепак не се регистрирани постоечки глечери или глациерети, ниту пак целогодишни снежни крпи (снежници). Причина за тоа се помалото количество на снежни врнежи (до 1.200 mm годишно), поматала максимална височина во однос на планината Пирин на пример (2753 m наспроти 2925 m), непостоење на погодни осојни депресии над 2000 метри и неколку други фактори. Според нашите истражувања, вакви глечери до неодамна (до пред 100 – 200 години) постоеле под врвот Голем Кораб (2753 m), каде сѐ уште има една мала свежа морена (на околу 2400 m), како и на неколку места на Шар Планина (особено на косовската страна). Понатамошните истражувања најверојатно ќе дадат подобра слика за постоењето на мини – глечери од малото ледено доба и на нашите високи планини.

Важно е да се напомене дека генерално на сите наведени глечери, како последица на климатските промени, им се намалува површината, а некои пак се во фаза на исчезнување. Затоа мошне редовно и детално се следи нивната состојба од страна на истражувачите, а секако, како појави се доста атрактивни и за туристите.

Извор:
Gachev E. 2017: The Unknown Southernmost Glaciers of Europe. In: Glacier Evolution in a Changing World, Ed.Godone D., Publisher: InTech, ISBN 978-953-51-3544-9

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5447 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *