29.01.2012
Површината на црвената планета и денес се менува, иако вулканите на Марс не се активни, а течната вода на површината оддамна испарила. Старата теорија покажувала дека целата активност на Марс е завршена уште пред милијарди години. Сезонското топење на мразот од јаглеродниот диоксид во близина на Северниот пол на Марс обликува бразди во регионите со песочни дини, покажале новите истражувања со помош на податоците од Извидувачкиот сателит на Марс (МРО). Ова откритие покажува дека површината на црвената планета и денес се менува, иако вулканите на Марс се неактивни, а течната вода на површината одамна испарила, пренел порталот „Space“. „Ова е неверојатен динамички процес. Имавме стара теорија дека сета активност на Марс е завршена пред милијарди години. Благодарение на МРО и неговата способност да следи промени, востановена е нова парадигма, а тоа е дека на Марс денес има многу активни процеси“ – навела Кендис Хенсен од Институтот за планетарна наука во Тусон, Аризона. МРО направил фотографии од дините кај Северниот пол на оваа планета, со камера со висока резолуција. Фотографиите откриваат низа на бразди во дините, а научниците истакнуваат дека овој феномен е поттикнат со пролетното топење на површинскиот слој на замрзнатиот јаглероден диоксид, познат и како сув мраз. Ова топење прво започнува од долната страна на мразот кој доаѓа во допир со потопла почва. Сувиот мраз од цврста преоѓа во гасовита состојба, а притисокот расте и со тоа се повеќе се создава заробен гас. На крајот, доаѓа до пукање на мразот и дел од јаглеродниот диоксид се ослободува создавајќи привремени бразди на дините додека излегува низ пукнатините. Гасот кој излегува исто така носи и песок кој формира и потемни линии додека истекува по сувиот мраз на дините. Тие темни потоци исчезнуваат со испарување, а ветерот брише поголем дел од новооформените бразди, додека следната зима и пролет овој процес се повторува.
Инаку, вакви процеси се забележани и на јужниот пол на Марс.
Извор: http://news.discovery.com/space/mars-sand-dunes-dry-ice-130126.htm
Оваа статија е прочитана 3408 пати!