25.12.2013
Дедо Мраз претставува личност во западната култура од легендарен, митолошки и фолклорен карактер кој носи подароци во домовите на добрите деца, за време на католичката бадникова ноќ, на 24 декември. Денес тој стана глобално позната „личност“ и прифатена во голем дел од светот. Дедо Мраз на запад е познат под името Санта Клаус или едноставно Санта (Santa Claus или Santa), а неговото значење не е целосно расветлено. Не се знае од каде точно доаѓа, зошто патува со санки влечени од летечки ирваси, зошто носи црвена наметка и се „симнува низ оџакот“. Според верувањата, современата легенда за Дедо Мраз се заснова на песната „Посета на Свети Никола“ на американскиот професор Клемент Мур, напишана во почетокот на XIX-тиот век, која Американците брзо ја прифатиле. Освен Мур, овој современ мит го создале и дваица илустратори кои на Дедо Мраз му дале арктичка облека и црвена наметка. Во тој период се „создава“ измислениот, американизиран лик Санта Клаус, чие живеалиште е на Северниот пол, на територијата на Канада. Во Европа пак, се смета дека живеалиштето на Дедо Мраз е во Финска, поточно во областа Лапонија. Меѓутоа, другите скандинавски земји исто така инсистираат дека Дедо Мраз живее на нивна територија, со точна адреса, па дури и соодветен e-mail. Всушност, се смета дека во западните земји, ликот на Санта Клаус (Дедо Мраз), влече корени од ликот на светецот Свети Никола, па затоа некаде се сретнува и под името Свети Никола. Вистинските корени пак, можеби лежат во обичаите на древните шаманистички племиња во североисточниот Сибир, кои се задржани до денешен ден. Имено, тие племиња искажуваат огромно почитување кон шаманите (свештеници, исцелители и пророци), поради вербата во неговите магијско-религиозни моќи. Митско животно на шаманистичките племиња бил ирвасот, што оди во прилог на ликот на Дедо Мраз со санки кои ги влечат ирваси. Култно растение на овие племиња била отровната пеќурка мувара, која поради опојните својства ја јаделе за да се доведат во состојба на екстаза. Оваа пеќурка е карактеристична по црвената боја на чадорчето со изразити бели точки (бои карактеристични за облеката на Дедо Мраз). Интересно е дека (според кажувањата на древните народи), дури и ирвасите ја обожуваат оваа пеќурка и ја јадат додека не дојдат во состојба на транс и веројатно доживуваат слично чувство на „летање“ како кај човекот. На прашањето зошто Дедо Мраз се спушта низ оџак, одговорот е можеби затоа што во сибирските живеалишта-јурти (меѓутоа и во другите примитивни живеалишта на поларниот север), постојано гори оган со отвор за чадот точно на врвот, а тој отвор воедно е и влез во живеалиштето. Според ваквите гледишта, ликот на Дедо Мраз кој носи подароци се поврзува со улогата на шаманите кои претставувале врска помеѓу светот на духовите и на членовите на племињата. Шаманите им ги пренесувале божјите пораки на луѓето и обратно-пораките на луѓето кон боговите. Слично на Дедо Мраз, шаманот бил „забавувач“ кој со игра и глума ја предочувал тајната на преобразувањето. Наведеното толкување е само едно од бројните за тоа од каде и како потекнува ликот на Дедо Мраз, онаков како што го знаеме. Точната вистина, можеби никогаш нема да се расветли, бидејќи низ вековите се вткаени многу сродни верувања, традиции и обичаи од разни делови на светот.
Инаку, во западниот свет има разни ритуали поврзани со Дедо Мраз. Така, во САД и Канада, децата традиционално му оставаат на Дедо Мраз чаша со млеко и чинија со колачиња; во Велика Британија и Австралија пак, децата му оставаат шери и овошен колач, а во Шведска, каша од ориз. Во Ирска популарно е да му се остави пиво или млеко заедно со пудинг или овошен колач. На непослушните деца им се велело дека наместо подароци, ќе добијат куп стапчиња. Ритуали кои децата ги прават неколку минути пред да одат в кревет го вклучуваат редењето на чорапи на каминот и на други места во домот, кои Дедо Мраз не може, а да не ги забележи симнувајќи се низ оџакот. Во домовите во кои што нема камин, децата ја оставаат отклучена надворешната врата, за Дедо Мраз да може без проблем да влезе внатре. Понекогаш, родителите кои ги поставуваат подароците за своите деца под новогодишната елка, им ставаат ливче на кое се потпишуваат како Дедо Мраз.
Според тоа, колку и каде се поминува, Дедо Мраз би бил најголемиот патник и географ, бидејќи „официјално“ посетува речиси 100 држави во светот, преку 20 милиони населени места и околу половина милијарда домови. За да ги најде сите држави, места и предели, тој има одлични географски познавања. Дедо Мраз за само неколку дена „поминува“ околу 300 милиони километри, што значи дека неговите санки „летаат“ со фантастична брзина од 1500 км/сек или 100 пати побрзо од најбрзите денешни вселенски летала. Само пеш, спуштајќи се низ оџаците и влегувајќи во домовите, тој „поминува“ 15 милиони км, што значи дека би требало да „трча“ од санките до секој дом и назад со неверојатна брзина од 40 км во секунда! За да им остави подароци на сите деца пак, товарот на Дедо Мраз е огромен и тежи речиси милион тони! Без оглед на сето наведено и фантастично, многу деца, па и возрасни го очекуваат и му се радуваат на Дедо Мраз како ведар имагинарен лик кој носи среќа, радост и добрина на децата и во домовите. Секако, овие денови ќе помине и низ бројни домови во Македонија, или барем до оние кои ќе може да ги најде низ густата магла и смогот. Затоа можно е малку да задоцни до домовите во Скопје, Битола, Тетово и некои други градови, а да се надеваме дека при тоа нема да му биде нарушено здравјето. Дури можеби ќе ни помогне конечно да се растера маглата, за што ќе му бидеме многу благодарни!
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6845 пати!