22.12.2013
Скопје, како главен град на Република Македонија, претставува административен, културен, индустриски и сообраќаен центар каде се лоцирани поголем број на индустриски капацитети како: металургијата, текстилната индустрија, производство на цемент, металопреработувачката индустрија, хемиската индустрија и други. Според пописот на населението од 2002 година, во него живеат 515.419 жители, што претставува 25% од вкупното население во државата. Како резултат на развитокот на технологијата, индустријата, бројот на возила, сведоци сме на се поголемо аерозагадување во Скопје. За тоа придонесува и положбата на градот, која иако е геостратешки многу поволна, во однос на современото аерозагадување е изразито неповолна. Имено, Скопје се наоѓа во централниот дел на Скопската котлина, која речиси од сите страни е заградена со ниски, средно-високи и високи планини. Тоа значително го ограничува струењето на воздушните маси и проветрувањето, особено во зимските месеци. Во непосредната близина на градот, нема високи планини (Јакупица и Шар Планина се оддалечени дури 30-60 км), заради што дневните вертикални струења на воздухот се многу слаби. Во близина нема ниту голем воден објект што би условувал разлика во воздушниот притисок и појава на ветер. Сето наведено е причина за голем број на денови во годината со слаб или без ветер, а зачестена појава на магли. Доколку и има ветер, тој е од северозападен, северен и ретко од јужен или југоисточен правец, а точно на тие правци се лоцирани главните индустриски извори на загадување околу градот. Голем проблем е и правецот на поголемите градби во Скопје кои се протегаат попречно на правецот на доминантните ветрови (Градски ѕид, железничката станица и др.), оневозможувајќи проветрување во приземниот слој до 20 м кој е и најзагаден.
Мониторингот на аерозагадувањето, претставува можна основа за изнаоѓање начини за намалување и спречување на штетните последици од аерозагадувањето врз човекот и животната средина во Скопје. Затоа добивањето на релевантни и навремени податоци за квалитетот на воздухот, односно на аерозагадувањето, стана неопходна потреба на секојдневното живеење. Според Законот за заштита на воздухот од загадување, постојат максимално дозволени концентрации (МДК) на загадувачи на воздухот, така што податоците кои се добиваат во мерните станици се споредуваат со МДК. Скопје, како главен индустриски центар во Република Македонија има голема концентрација на индустриски капацитети од различни видови. Како директни загадувачи се јавуваат бројни поголеми но и помали индустриски објекти, сместени во 6 индустриски зони: исток, југ, запад, север, центар и Миладиновци.
Како главен административно политички и индустриски центар во државата, Скопје се карактеризира со мошне фреквентен патен сообраќај. Така, од вкупниот број на патнички автомобили, автобуси и други возила во државата, повеќе од 1/3 се наоѓаат во Скопје. Ова упатува на фактот дека во загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, сообраќајот учествува со голем процент. Освен него, голем извор на аерозагадување во зимските месеци е и авионскиот сообраќај, бидејќи аеродромот Петровец е на само 15 км оддалеченост од градот Скопје, а за полетување на авионите се троши големо количество на керозин (околу 400 л). Мерењата на фрекфенцијата на сообраќајот во работните денови, покажува континуиран пораст од 7 часот наутро до 15 часот, а потоа постепено опаѓање до вечерните часови. За викендите, најфрекфентни термини се околу полноќ и околу 11 часот претпладне. За најоптеретена крстосница е добиена крстосницата на булеварите Крсте Мисирков и Гоце Делчев, а потоа помеѓу булеварите Кочо Рацин и 11 Октомври. Овие места се и најмногу изложени на емисија на штетни издувни гасови од сообраќајот. Средномесечните концентрации на SO2 и чад, покажуваат дека нивните вредности се најголеми во зимските месеци (особено во јануари), а најмали се во периодот јуни-септември. Во зимскиот период, најголеми извори на аерозагадување се домаќинствата (кои користат разни горива за загревање), топланите, сообраќајот и индустријата. Тоа е посебно карактеристично за денови кога е присутна магла. Тогаш, интензитетот на јавниот и индивидуалниот сообраќај е многу голем, потрошувачката на гориво по единица км се зголемува, а поради отсуство на воздушни струења, аерополутантите се сконцентрирани во приземните слоеви на воздухот.
Одредени метеоролошки состојби на територијата на градот и пошироко (антициклонално стабилно време со појава на температурни инверзии) во зимскиот дел од годината во периодот октомври – март, дополнето со емисија на штетни материи од индивидуалните објекти и топланите (стационарни извори) придонесуваат да се јават еколошки епизоди со енормни загадувања. Анализите покажуваат дека концентрациите на SO2 и чад, во зимските месеци (декември до март, во просек се 2-5 пати поголеми од летните месеци (јуни до септември). Најголеми разлики помеѓу зимскиот и летниот период се јавуваат во централниот дел на градот. Генерално може да се заклучи дека вредностите на концентрациите на ЅО2 и чад се резултат на местоположбата на градот, исклучително стариот автомобилски возен парк (просечна старост на возила поголема од 10 години) со ниски екостандарди (Еуро 1-Еуро 2), користење на горива со слаб квалитет, тесни сообраќајни грла, слабата пристапност и користење на заобиколницата околу Скопје, традиционални навики за нерационално користење на сопствени возила, непостоење на алтернативен градски превоз на електричен погон (железница, трамвај, тролејбус), несоодветната поставеност на некои индустриски, но и стамбено-градежни објекти кои го намалуваат пречистителниот ефект на ветерот во приземните слоеви, а од друга страна и неповолните метеоролошки услови кои се јавуваат овие неколку години.
Последиците пак од загадувањето, пред се врз населението на градот, но и целокупниот екосистем се тешки, долгорочни, несогледиви и во крајна линија извонредно скапи. Вакви неповолни временски услови ќе се јавуваат се почесто во иднина и ќе бидат дури и поизразени. Затоа итно неопходни се повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје од кои ќе ги издвоиме:
- Целосна гасификација на индустријата и топланите;
- Електрификација на јавниот сообраќај (трамвај, тролејбус, надземна или надземно подземна брза шинска линија во правец СЗ-ЈИ);
- Користење на алтернативни горива (течен гас ЛПГ) за јавен превоз и други видови на сообраќај;
- Поттикнување на користење на возила со високи еколошки стандарди или ограничување на сообраќај за возила со ниски или без екостандарди;
- Делумно или целосно ограничување на сообраќајот во најстрогиот центар на градот (за одредени возила, во одредени часови и сл.);
- Инсталирање на филтри за пречистување на испустните гасови од индустриските објекти;
- Разрешување на проблемот со сообраќајниот метеж во главните шпицови (преку изградба на раскрсници на нивоа, тунели, известувања за оптеретеност на раскрсниците и др.);
- Приклучување на станбените и останати објекти кон топлификација или гасификација;
- Насочување кон лоцирање на индустриски објекти подалеку од градската зона (особено кон исток);
- Рационално користење (штедење) на енергија (програми за изолација на стамбени и други објекти);
- Изградба на повискоки стамбени згради каде е тоа можно и решавање на проблемот со паркирање на возилата;
- Подигање на нови зелени појаси покрај улиците, зголемување на зелените површини во градот;
- Диверзификација на некои институции во различни делови на градот, но и низ други градови на Македонија;
- Намалување на претераната пресија на население, возила и разни активности од целата држава врз Скопје, кое едноставно нема толкав „природен“ капацитет и др.
На крај треба да знаеме дека сите ние, жители на овој град, на еден или друг начин можеме да влијаеме Скопје да има почист воздух како што заслужува, а тоа ќе значи подобро здравје и поубава иднина за нас и нашите поколенија!
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 9477 пати!