НАСА прославува 9 години од мисијата Опортјунити, а воедно пронаоѓа докази за езеро под површината на Марс!

27.01.2013

Не беше планирано да трае толку долго, но марсовиот ровер Опортјунити вчера наполни девет години функционирање на Црвената планета. Роверот помина околу 35 километри, повеќето од нив со темпо на полжав од еден кратер до друг, запирајќи со месеци за време на суровите марсовски зими. Возилото на 6 тркала креирано да издржи 2,5 милиони стартувања на моторот издржа 70 милиони и сеуште работи. „Роверот сеуште е во одлична состојба особено ако се земе во предвид се низ што помина“ вели Џон Калас од НАСА. Површината на Марс е доста лоша, има температурни флуктуации од 100 степени секој ден, за техниката тоа може да биде фатално. Што се може да се направи со еден стар ровер на една далечна планета? Во првите недели кога Опортјунити пристигна на Марс, НАСА објави дека роверот пронашол хемиски доказ дека некогаш на црвената планета имало вода на површината. Тој останува да ја истражува црвената планета, а колку ќе издржи останува времето да покаже. И додека роверот Опортјунити „прославува“ 9 години функционирање и престој на Марс, а Кјуриозити продолжува да го привлекува вниманието на медиумите со потрагата по жив свет или траги од него, останатите мисии на Марс открија нешто неверојатно. Станува збор за траги од подземно езеро, кои се добиени од “Реконосенс”. Оваа орбиталнa станица ја анализира површината на Марс од значителна височина. Една од целите е да ја истражува почвата во кратерот Меклафлин, кој е долг 92 км и длабок 2.2 км. “Многу истражувања покажуваат дека камењата кои се наоѓаат непосредно под површината, се формирале по удар на метеорит во планетата, што се случило во самиот почеток на нејзиното создавање. Новооткриените траги од течности покажуваат дека е можно во одредени периоди на површината на планетата да имало длабоки водни басени каков што можеби е случајот со кратерот Мeклафлин”, вели Џозеф Михалски од Институтот за планетарното истражување и водечки автор на студијата. “За прв пат успеавме да ја пробиеме почвата на друга планета толку длабоко”, укажува Ешвин Васавада, научник од НАСА. Веројатно понатаму ќе следат уште бројни изненадувања поврзани со оваа релативно мала, но интересна соседна планета кон која се вперени човечките надежи за во иднина.

ИГЕО-портал

 

Оваа статија е прочитана 4329 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *