Во подготовка новиот сателит од серијата Ландсат, извонредно значаен за проучувањето на Земјата!

1.07.2016

Програмата Ландсат е најдолгата вселенска мисија која прибира сателитски снимки за Земјата. Првиот сателит на мисијата е лансиран на 23.07.1972 година, а последниот на 11.02.2013 година. Податоците добиени од инструментите на сателитите на програмата Ландсат се архивирани во центарот во САД и во приемните станици ширум светот. Долгиот период на работа претставува уникатен ресурс за истражување на глобалните промени посебно во земјоделството, шумарството, просторното планирање и други области. До сега вкупно биле испратени осум мисии Ландсат, од кои седум успешно ја достигнале орбитата. Секоја серија на сателити се карактеризира со различни сензори кои се користат за снимање на земјината површина, но и со различен број на спектрални канали кои се застапени.

  • Ландсат 1 е лансиран во 1972 година, а престанал со работа во 1978 година;
  • Ландсат 2 е лансиран во 1975 година, мисијата завршила во 1982 година;
  • Ландсат 3 е лансиран во 1978 година, а завршил со работа во 1983 година;
  • Ландсат 4 е лансиран во 1982 година, а престанал со работа 1993 година;
  • Ландсат 5 е лансиран во 1984 година, а престанал со работа 2011 година;
  • Ландсат 6 е лансиран во 1993 година, меѓутоа не успеал да се искачи до орбитата;
  • Ландсат 7 е лансиран во 1999 година, сеуште функционира, но со неколку помали дефекти;
  • Ландсат 8 е последниот лансиран сателит од оваа серија и тоа во 2013 година.

Моментално функционални се само Ландсат 7, кој е лансиран во 1999 год. и Ландсат 8, лансиран во 2013 год.

Во април 2015 година, NASA и Американското Геолошко Друштво (USGS) започнаа со работа на Ландсат 9. Првичните очекувања биле Ландсат 9 да биде лансиран во 2023 година, но постои можност сателитот да се лансира 2 години порано од планираното. Со оваа мисија ќе се продолжи програмата за надгледување на Земјината површина на повеќе од 50 години.
Приоритет на NASA и USGS е лансирање на Ландсат 9, како дел од програмата за набљудување на Земјината површина. Поради долгорочните промени во животната средина што моментално се забележуваат, од голема важност е да се продолжи со набљудување на планетата Земја преку Ландсат сателитите.
Ландсат 9 би требало да има слични карактеристики како Ландсат 8. Имено, се планира оваа мисија да содржи два инструменти, од кои, едниот ќе ги опфаќа видливиот, блиско-инфрацрвенот и краткобраново-инфрацрвенот дел од спектарот, а другиот инструмент ќе опфаќа термална инфрацрвена радијација. Овие инструменти имаат сензори со умерена резолуција и имаат поголема можност за детектирање на повеќе варијации на интензитетот од претходните Ландсат сателити.

NASA треба да го изгради, лансира и да го изврши почетниот технички прием на сателитот, додека USGS ќе раководи со сателитот, а притоа ќе процесира, архивира и ќе дистрибуира податоци од мисијата.
Термалниот инфрацрвен сензор (TIRS), ќе го изгради NASA’s Goddard Space Flight Center. TIRS ќе биде сличен на оној што Goddard го изгради за Ландсат 8. Но, подобрениот TIRS ќе има животен век од пет години, во споредба со претходниот кој имаше животен век од три години.
Со Ландсат 9 долгорочно ќе се продолжи снимањето на Земјината површина, што ќе придонесе за потемелно истражување на промените во многу области, како и за подобрување на животната средина.
Инаку, сите сателитски снимки од Ландсат 7 и Ландсат 8 кои се однесуваат на Македонија (но и на било кој дел на Светот), може слободно да се симнат (со претходна регистрација) преку овој портал.

Извори:
svs.gsfc.nasa.gov
www.nasa.gov
landsat.gsfc.nasa.gov
wikipedia.org
landsat.usgs.gov
spacenews.com
www.imagingnotes.com
www.igeografija.mk

Подготвил: Антонио Трајков, насока ГИС на ИГ, Скопје

Оваа статија е прочитана 6112 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *