Успешен настап на конференцијата SCERIN-5 со презентација на најновите достигнувања во далечинската детекција!

25.06.2017

Во периодот 20-23.06.2017 година, во просторииите на Унгарската Академија на науките во Печуј се одржа голема меѓународна конференција за новите технологии во далечинска детекција (RS-Remote Sensing), SCERIN-05. SCERIN претставува регионална истражувачка група во која членуваат земјите од централна и југоисточна Европа, а од оваа година и Република Македонија. Групата е блиску поврзана со Европската вселенска агенција (ESA) и Американската NASA, а целта е развој и унапредување на нови технологии, производи и постапки за далечинска детекција, набљудување и анализа на Земјината површина. Во работата на конференцијата учествуваа претставници од околу 30-на држави, главно од Европа и САД. Освен делот со пленарни предавања, беа прикажани 20-на постер-презентации со изложување на достигнувањата во далечинска детекција во различни земји. На крај, беше изведена панел-дискусија за можностите на меѓусебна соработка на земјите членки на SCERIN, со предлог проекти за идниот период. Во склоп на конференцијата се изведе еднодневна екскурзија по долината на реката Драва со цел согледување на резултатот од проектот за природна рехабилитација на овој простор (Old Drava River Project).

Во работата на SCERIN, активно учествуваше (со презентации и дискусии) и авторот на оваа статија. Од наша страна беа презентирани постапки за корекција и анализа на CLC (Corine Land Cover) производите за Македонија, како и поставување на корелација помеѓу промените на користењето на земјиштето и појавата на природни непогоди (со детекција од Landsat 8 индексите). Исто така, беа воспоставени контакти со врвни истражувачи од ESA, NASA, потоа од разни европски институции и претставниците на членките на SCERIN, а беа договорени и теми за можни меѓународни проекти.

Останува желбата и уверувањето дека час поскоро, Република Македонија поактивно ќе се вклучи во имплементацијата и развојот на новите RS технологии во разни подрачја, бидејќи истите веќе нашироко се користат низ Европа и Светот.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5920 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *