Најновите симулации покажуваат значителен глобален пораст на температурите до 2050 година!

4.04.2012

Тоа се резултатите од проектот во кој беа вклучени 10.000 климатски симулации, а објавени во познатото списание Nature Geoscience. Резултатите покажуваат дека до 2050 година, глобалната температура на воздухот ќе порасне помеѓу 1,4 и 3 степени целзиусови. Значењето е уште поголемо ако се има во предвид дека за прв пат во ваков проект се вклучени толку многу симулации на исто толкав број моќни персонални компјутери, мрежно поврзани преку интернет.
Во проектот како основа беше користен комплексниот атмосферско-океански климатски модел, кој не само што ги даде наведените прогнози, туку многу прецизно ги репродуцира забележаните температурни промени во изминатите 50 години. Податоците од истражувањето покажаа дека е многу веројатно до средината на векот да се пробие претходно „лимитираниот“ глобален пораст на температурата од 2 степени, особено ако се задржи или зголеми постојната емисија на „стакленички“ гасови. Така, според „најцрните“ сценарија, можно е глобално температурите до 2050 да се зголемат дури и до 3 степени целзиусови во однос на референтниот период 1961-1990 година (1).
Секако, различни региони во светот сосема различно ќе го почуствуваат ова зголемување. Во некои региони растот може да биде и поголем, особено во летниот период, а во други незначителен. Исто така, се очекува одредени региони да имаат големо намалување на врнежите, а во други дури тие и да се зголемат. Она што е значајно е дека сите сценарија предвидуваат значителен пораст на температурите и намалување на врнежите во подрачјето на Медитеранот па и во Република Македонија. Така, се предвидува средната температура на воздухот во Македонија, до 2050-та година да порасне за 1,9 степени, а до 2100-та за дури 3,8 степени, додека врнежите би се намалиле за 5%, односно за 13% до крајот на векот (во однос на 1990 година како референтна). Се очекува летата да стануваат пожешки, со пораст од дури 5 степени (просечно) до крајот на векот, а летните врнежи би се намалиле за фантастични 37% (2)! Уште позагрижувачки се очекувањата температурите најмногу да се зголемат во јужните делови на државата (каде ионака се високи), а врнежите најмногу да се намалат во централните и јужните делови (каде ионака се мали). Дури само половично остварување на ова сценарио би значело огромни проблеми со водоснабдување, наводнување, земјоделство, добивање на хидроенергија, засилена ерозија, појава на суши, пожари и многу други, а најмногу би биле погодени Тиквешко, Гевгелиско, Струмичко, Дојранско и соседните региони. Одредени промени и последици во таа смисла, веќе се видливи и се чувствуваат.

Извори

(1) http://www.sciencedaily.com/releases/2012/04/120403140410.htm
(2) Bergant K (2006) Climate change scenarios for Macedonia-review of methodology and results. University of Nova Gorica, Centre for Atmospheric Research, Nova Gorica, Slovenia. 1–50

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5327 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *