18.04.2017
Сведоци сме дека во последните децении, постепено се зголемува фрекфенцијата на природни и техногени непогоди, често со големи, па и катастрофални последици. Затоа се бараат начини за колку е можно понавремено предупредување, известување и реакција, а еден од најдобрите начини за тоа е снимање од височина (пр. појава на пожар, поплава, невреме, свлечишта и др.). Високо развиените, богати држави користат цел систем на сензори, аларми, беспилотни летала-дронови и друга модерна технологија за рано детектирање, предупредување и известување за дојдовна, веќе почната или непогода која е во тек. Сепак, тие системи се скапи, а за помалку развиените и посиромашни држави речиси недостижни. Затоа пак, од неодамна функционира глобално достапен систем на сателитски снимки од специјализирани инструменти за брзо предупредување или брз одговор, воспоставен од НАСА. Истиот е познат како Worldview и достапен на истоимениот портал.
Системот за брз одговор (Rapid Response System) е развиен од страна на НАСА во 2001 година, со цел да пласира и пренесува сателитски снимки до повеќе Американски институции за кризни ситуации. Предноста е тоа што снимките се на располагање само неколку (2-6) часа по снимањето (блиску-реално временски). Снимките главно се од инструментот MODIS – Moderate Resolution Imaging Spectroradiometer (Средно-резолуциски снимачки спектрорадиометар), поставен на сателитот Тера. Неколку години подоцна, НАСА во соработка со Департманот за географија при Универзитетот во Мериленд и Центарот за апликативна далечинска детекција на САД, изведе унапредување на системот со повеќе сателитски продукти и подобар кориснички интерфејс. Веќе од 2007 година, снимките и податоците од Системот за брз одговор (RRS) станаа глобално достапни и дополнети преку инструментот MODIS на сателитот Aqua (главно за водни површини). Во меѓувреме, не само што драстично се зголеми интересот на разни институции и корисници за овој систем и податоците што ги нуди, туку почнаа да се бараат огромен број геореференцирани снимки за разни временски периоди (денови, месеци, години) и со различна тематика. За да се излезе во пресрет на зголемените барања, НАСА сите снимки и податоци од RSS ги постави на посебен, лесно достапен и прегледен портал Worldview.
Самиот портал е мошне едноставен за користење, секако доколку се знае што се сака. Првин се избира подрачјето (регионот, државата) од интерес, со поместување на картографската подлога во саканиот правец. На долната лента се избира датумот (година, месец, ден) за кој се сака да се види состојбата со некој параметар. На левата страна пак, се избира типот на снимка (податок) што е потребен за преглед или анализа. На располагање ни стојат преку 200 видови на снимки од разни инструменти и сателити, како што се: проценка на врнежи, ризик од поплави, влажност на земјиштето, површинска температура, опасност и појава на пожари, покриеност со снег, вегетациски индекси и сл. Согласно потребите, може да се изберат 1, 2 или повеќе слоеви (леери) кои се редат од левата страна на работното поле. На секој леер може да му се зададе тип на приказ (транспарентност), редослед на прикажување, палета на бои, нијанси и др. Во горниот десен агол има мени за линкување на прикажаните снимки, потоа нивно експортирање во разни формати (jpg, geotiff, gif, png), приказ на информација за дадена снимка и мени за промена на проекција. Многу интересна можност е креирање на gif-анимации од серија на податоци-карти за 15, 20, 30 дена или подолг период. Анимацијата може да се експортира на избраната локација на компјутерот и да се прикаже во презентација или за друга намена. Постои можност и за експортирање на табеларни податоци, графикони, тематски снимки и метадата податоци.
На презентираните снимки во статијата се дадени повеќе примери на снимки и апликации кои може да бидат од огромно значење при проценка на ризик од некоја непогода, состојба пред, за време или по самата непогода.
Worldview, односно податоците што ги содржи овој портал, можат да бидат многу полезни за Република Македонија, особено во однос на проценка на подложност или ризик од природни непогоди. Така, снимките од инструментот SMAP (Soil Moisture Map) даваат дневни вредности на влажноста на почвата (во m3 вода во m3 почва) на површина или до длабочина од 1 m, со резолуција од 9 km, што може да биде одличен показател за вегетациските услови, сушноста, состојбата после поплава и др. Значајни податоци се добиваат од снимките MODIS-Terra/Aqua Cloud со преку 10 параметри за облаците: густина, големина, минимална и најголема височина, притисок, содржина на влага, правец и др. Интересни се и снимките за проценка на интензитетот на врнежи, потоа за површинска температура и други.
Овде мора да напоменеме дека согласно светските трендови, поголем дел од MODIS продуктите, снимките од порталот Worldview, Landsat и нивната употреба се дел од наставната програма по предметот Далечинска детекција на насоката ГИС на Институтот за географија.
Извор: worldview.earthdata.nasa.gov
Автор: д-р Ивица Милевски