За дроновите и нивната употреба во географијата!

3.10.2014

Дронови се беспилотни летала со кои се управува од помала или поголема далечина. Тоа се летала во форма на мал авион, хеликоптер, квадрикоптер, балон или некаква комбинација од наведеното. Првите „дронови“ биле летечките балони без екипаж кои се користеле во Западна Европа во XIX век со цел испуштање на бомби на непријателска територија. Меѓутоа, поради примитивниот механизам, бомбите често паѓале на погрешна локација, па дури и на сопствената територија. Веќе во почетокот на XX век се конструираат посовремени беспилотни дронови со големи димензии, кои се користеле во двете светски војни. Првите пак дронови со далечинско управување се појавиле во средината на минатиот век, а во 1980-тите години дроновите веќе добиваат систем за набљудување во реално време. Сите наведени дронови биле со воена намена, главно за извидување, шпијунажа па дури и напади врз одредена територија. Всушност и денес, најсофистицираните дронови имаат воена намена, а предноста им е тоа што се многу поевтини, помали, пофлексибилни и помалку забележливи (речиси незабележливи) во однос на летала управувани од човек. Така, некои современи воени дронови можат да летаат во мисија непрекинато со денови, користејќи само соларна енергија, а радиусот на дејство практично им е неограничен.

Освен воената намена со која дроновите најчесто се поврзуваат, во последно време се зголемува нивното користење за различни цивилни цели. Малите цивилни дронови се евтини за летање, одржување, а и самата нивна цена е многу поволна. Денес Кина стана лидер во производство на евтини и солидни дронови, обично во вид на квадрикоптери (летало со 4 елиси). Така, веќе за околу илјада долари може да се нарача (купи) одличен дрон кој со далечинска контрола може да лета во радиус од 2-3 км со брзина до 120 км/час и да понесе камера со тежина до 1 кг. Најчесто дроновите се во вид на квадрикоптери, бидејќи таквата изведба овозможува извонредна стабилност, потоа можат да лебдат во воздухот подолго време, можат да понесат разна корисна апаратура за снимање и контрола на летот, резервна батерија и друго. Поголем број од ваквите дронови имаат т.н. FPV (First Person View) систем, така што на мал екран на далечинскиот управувач, во реално време се гледа што снима камерата на дронот, а со тоа се олеснува управувањето. Дроновите со ценовен ранг над 500 долари, обично имаат вграден ГПС уред, така што може да бидат зададени точни координати или рута по која ќе снима или ќе се движи леталото, а за секој случај имаат и систем за враќање на почетната локација од каде што тргнале. Всушност, цената од околу 500 долари се смета за граница помеѓу хоби-играчки дронови и полупрофесионални летала, а веќе над 1000 долари се професионални дронови со поголем домет.

Од производителите на евтини комерцијални, истражувачки и хоби дронови, попознати се DJI Phantom, Walkera, WLToys, Parrot и други. Цените за функционално летало се движат од 250 долари до неколку илјади долари, во зависност од перформансите, опремата, квалитетот и др. Моментално за најповолен однос на цена и перформанси се смета дека има дронот DJI Phantom 2 Vision+  кој чини околу 1000 долари (кај нас со сите трошоци би бил околу 70.000 денари). Овој дрон со едно полнење на батеријата може да лета 25 минути во радиус и височина од 2 км, носи одлична ротирачка камера која фотографира и снима видео, има ГПС систем, WiFi, следење на летот во реално време на смартфон, програмабилен лет, разни модови на летање, повеќе корисни сензори и слично. Нешто послаби, но сепак одлични перформанси за својата цена имаат Walkera QR X350 (околу 30.000 денари), WLToys V303 (околу 25.000 денари) и други.

Претходно наведените дронови се погодни за разни цели: истражувања, фотографирање или снимање од височина, разни операции за пребарување и спасување, проверка на далноводи и цевководи, доставување на лесни медицински и други материјали до тешко достапни или со временски непогоди отсечени региони и многу други намени. Во географијата и останатите науки поврзани со просторот, дроновите се користат за картографско снимање, фотографирање, регистрирање и истражување на разни геолошки и релјефни структури, снимање и следење на природни непогоди, пожари, еко-хазарди, анализи на просторни активности, промени, снимање и извидување на тешко достапни или недостапни локации пред нивна посета, снимање на спелеолошки објекти, атмосферски појави, ГПС-трасирање на објекти и појави, снимање на растителен и животински свет, фотографирање за цели на далечинска детекција, изработка на релјефни модели, почвени, вегетациски карти и многу други намени. Всушност, тие стануваат незаменливи во сите активности поврзани со далечинско снимање, далечинско истражување и воопшто, далечинска детекција на просторните содржини и појави.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6001 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *