23.01.2020
Во последниве години на хиперпродукција на научни титули и разноразни експерти, настана конфузија во однос на поимите научник и/или експерт од дадена област. Во развиенот свет, за проценка на „величината“ на некој научник или експерт, се користат разни пристапи, меѓу кои: разни библиометриски индекси, фактори на влијание, библиографија, вид на објавени публикации, рејтинг на списанија во кои се објавени и сл. Во таа смисла, за да се добие претстава за „меѓународната големина“ и влијание на некој научен работник, како релевантни индекси и бази на податоци се користат платформите Web of Science, Scopus и др. Како пошироки и подостапни индексирани бази, кои укажуваат на бројноста, квалитетот и цитираноста на објавените работи, во последно време се повеќе се користи академската платформа Researchgate. На неа може да се види бројот на објавените трудови, значењето на секој труд, бројот на прегледи, цитираноста, научната популарност на соодветниот автор и сл. Како збир на сите претходно споменати параметри на Researchgate, се добива индекс или „score“ со вредност од 0 до преку 100. Обично вредностите од 0 до 10 се сметаат за многу ниски и одговараат за млади истражувачи во самиот почеток на својот развој. Вредноста на индексот помеѓу 10 и 30 укажува на средна до значителна активност на научниот работник, со бројни меѓународни публикации и солидна цитираност. Вредности на индексот над 30, покажуваат исклучителни резултати во однос на публикациите и нивниот квалитет, цитираноста, интересот кај научната заедница и др.
Сепак, големината на индексот треба да се доведе во корелација со времето кое научниот работник го поминал во истражувања и објавувања на своите резултати. Така, како солиден индекс се смета оној кој одговара најмалку на бројот на години поминати во научно-истражувачка дејност. Доколку се тоа 20 години, индексот треба да биде најмалку 20. Мора да се напомене и тоа дека индексот на оваа платформа не е сосема објективен, затоа што може премногу да го нагласи делот на поставени или одговорени прашања од научен интерес, за сметка на публикуваните трудови (на пример, можно е 50, 60 и повеќе проценти од поените да се однесуваат на прашања и одговори, а останатото на публикации). Исто така, во последно време, публикувањето на трудови дури и во списанија со голем импакт фактор, не значи многу ако цитираноста е мала (посебно ако се исклучи само-цитирањето). Колку изнесува цитираноста на некој истражувач, лесно може да се провери на Scopus, Researchgate, или пак на Google Scholar. Така, на Google Scholar е наведена вкупната цитираност на некој автор (врз основа на пронајдените цитирања на Google), со соодветниот h10 индекс кој покажува колку трудови од некој автор се цитирани повеќе од 10 пати. Често, цитираноста може да се биде висока, меѓутоа да се однесува на еден или два труда. Во таа смисла, колку е повисока цитираноста на поголем број трудови, толку авторот-истражувач има повисок научен “рејтинг”.
Дел од научните работници (вклучително и помладите) не се регистрирани на ниту една од споментатите платформи, што е несоодветно во ерата на интернетот, транспарентната научна работа и меѓународна соработка. Сепак дури и во тој случај, за наши, македонски услови, научниот “рејтинг” на некој истражувач може да се процени врз основа на неговата биографија и библиографија. Секако, при тоа треба да се има во предвид дали наведените трудови и други остварувања се реални, публикувани само во домашни или во рецензирани и репрезентативни меѓународни списанија, дали се повторуваат или се оригинални и сл.
Според сето претходно кажано, проценката на научниот квалитет и рејтинг на некој универзитетски професор или научен работник, не треба да се темели на неговата медиумска застапеност, позиција, политичка припадност или подобност (како што е најчесто кај нас), туку на остварувањата што ги има постигнато и што се признаени од веќе споменатите познати научни бази на податоци. Всушност, така е во речиси сите високоразвиени држави, каде високиот поединечен рејтинг на научниот кадар носи и повисок рејтинг на универзитетите, а сето тоа заедно пак, поголем интерес од студентите, постдипломците, докторантите и сл.
Автор: д-р Ивица Милевски
Академски индекси:
www.researchgate.net/profile/Ivica_Milevski
ukim.academia.edu/IvicaMilevski
scholar.google.com/citations?user=QYSVTEMAAAAJ&hl=en
Оваа статија е прочитана 5470 пати!