16.06.2012
Во последно време, со појава на голем број забавни интернет портали, електронски медиуми, но и кај медиумите со подолга традиција, се појави „трка“ по научно-популарни, а особено сензационални информации. Во таа трка кој попрво ќе пренесе некоја информација (со што ќе се зголеми читаноста или следењето на медиумот), често се изоставуваат основните етички принципи во третирањето и пренесувањето на научните и научно-популарните информации, а не ретко, тие добиваат карактер на дезинформации. Така, ќе се прочитаат бесмислици дека „Македонија лежи на нафта вредна 500 милијарди долари“ или дека е „пронајден човечки механизам стар 300 милиони години“ или пак на неколку дена ќе се појави вест за „астероид кој за влакно ја поминал Земјата“ и многу други. Токму затоа, неопходно е оние кои ги изнесуваат, поставуваат, преведуваат и пренесуваат научно-популарните информации и содржини, да се придржуваат барем кон следните основни принципи:
Секоја научно-популарна вест или информација, кога се презема од некој (странски) медиум, треба да се земе со одредена резерва. Најдобро е да се проверат неколку различни извори и доколку е можно да се најде оригиналниот извор на таа информација. Во спротивно, голема е веројатноста да е преземена модифицирана, „дотерана“ или искривена информација, далеку од онаа оригиналната. Она што е забележливо е дека најголем дел од научно-популарните информации и статии што се пласираат на нашите портали се преземени и преведени од балканските (хрватски, српски, бугарски) портали без проверка на оригиналот.
Секогаш на почетокот или на крајот на статијата, треба да се наведе изворот на информацијата. Тоа не само што е етичка туку е и законска обврска поврзана со заштитата на авторските права на оној кој дошол (понекогаш со огромен труд) до оригиналната информација или на медиумот кој вложил сретства да дојде до таква информација. Воедно, на тој начин ја „симнуваме“ или пренесуваме својата одговорност за поставената информација врз преземениот извор, особено доколку се испостави дека информацијата не е точна.
Статиите треба да бидат на колку е можно покоректен литературен јазик и со македонска научна терминологија. Често, при преводите се користат автоматски преведувачи (Google translate), со кои се добиваат нелогични или неточни термини (на пример елевација би требало да се преведе како надморска височина или мапирање како картирање и сл.). Исто така, мерните единици при преводот треба да се преобразат во единици кои официјално се користат кај нас т.е. метрички (стапки во метри, милји во километри и др.).
Кон некои „сомнителни“ информации треба да бидеме критички поставени и да провериме по релевантните извори на податоци и енциклопедии, дали е навистина така или пак треба да се изврши корекција.
Треба да се разликуваат авторизирани статии (каде авторот вложил значителен труд и собрал или користел сопствени информации), потоа подготвени статии, преведени и преземени статии. Затоа под секоја статија би требало да стои: автор, подготвил, превел и сл. Недозволиво е да се поставуваат статии без да се наведат лица кои ги изработиле, напишале, превеле, односно без да се „потенцира“ одговорноста за добрата или лошо поставената информација (статија).
Насловот на веста (статијата, информацијата), треба да се избере внимателно и да кореспондира со содржина на научно-популарната информација. Не треба да се претерува со сензационалистички наслови кои речиси немаат врска со пласираната информација.
Треба да се наведе изворот на прилозите во статиите, или да се постави линк до нив, што повторно е поврзано со заштита на оригиналните авторски права. Воедно, читателот ќе може доколку сака, да ги продлабочи своите информации преку директно пристапување до тој линк или страница каде се наоѓа илустрацијата, фотографијата и другите графички содржини.
Неопходно и корисно е да се наведе датумот кога е поставена или преземена информацијата, без оглед дали на крајот или на почетокот од статијата. Со тоа читателот секогаш ќе има претстава за времето кога била актуелна или значајна информацијата, односно настанот од интерес.
Треба да се стави поголемо значење на научно-популарните информации значајни или интересни за Република Македонија, наместо некои кои се целосно ирелевантни (на пример затемнување на Месечината или делумно затемнување на Сонцето видливи од некој дел на Јужен Пацифик!), за сметка на многу позначајни научно-популарни теми поврзани со Европа или овој дел од северната хемисфера.
За да се исполнат овие неколку основни наведени критериуми за коректни, едукативно вредни и релевантни научно-популарни информации, неопходни се соодветни квалификации на лицата кои ги составуваат, пренесуваат и преземаат информациите. Тоа подразбира нивна „блискост“ или барем минимално познавање на проблематиката која ја третираат. Воедно, она што недостасува е истражувачкиот пристап, каде ќе се даде сопствен придонес кон поставените проблематики, информации и статии.
ИГЕО порталот, се трудеше до сега, а ќе се обидува и понатаму максимално да ги следи наведените научно-етички принципи во презентирање на научно-популарните информации, без оглед што понекогаш за остварување на таквата цел, наместо неколку минути ни се потребни и по неколку часови или денови за само една статија. Се надеваме дека во тоа можеби лежи успехот и иднината на овој портал, кој поголемо значење придава на квалитетот, отколку на квантитетот на пласираните статии. Во таа смисла, секоја ваша добронамерна критика или сугестија ни е добредојдена и со задоволство ќе ја разгледаме.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4705 пати!