Во пресрет на 9-тиот роденден на ИГЕО-порталот

11.11.2020

Денес, на 11.11.2020 година, ИГЕО порталот го прославува својот роденден, откако пред точно девет години беше поставена првата официјална статија. Во изминатите години, на порталот се објавени вкупно 1386 статии. По категории, најголем број се „Географски вести“ (406), потоа „На тема…“ (344), „По Светот“ (179) „Чудесна Македонија“ (166) и др.

Иако многумина беа скептични во опстанувањето на првиот географски портал во Македонија, тој до денес одлично функционира кога се имаат во предвид сите околности и ограничувања. За квалитетот на статиите и следеноста на самиот портал, говори податокот што веќе има речиси 500.000 посетители, со преку 1.000.000 посети, што за нас претставува огромен успех, задоволство и мотивација повеќе да се продолжи понатаму. Големата посетеност укажува на потребата од јавна достапност на интересни, недоволно познати географски содржини како за нашата држава, така и пошироко.

Треба да се напомене дека од вкупниот број статии (1386), околу 280 се објавени или подготвени од д-р Ивица Милевски, кој е покренувач и уредник на порталот. Покрај тоа, голем е придонесот на студентите, дипломираните географи, а значаен е и бројот на статии од наставниот кадар на Институтот за географија. Во идниот период, се надеваме на поголем број автори (студенти, постдипломци, наставници, соработници и др.) кои ќе објавуваат интересни теми на ИГЕО порталот, со зголемена мотивација.

Инаку, од самиот број на објавени статии, позначаен е нивниот квалитет за кој е водено максимална грижа и посветеност. Статиите се внимателно избрани, прегледани, проверени од евентуални дезинформации или несоодветно преземени податоци, најчесто со цитиран извор. Во најголем дел од статиите се авторизирани, оригинални и претставуваат придонес за географската наука, но и извор на нови информации за наставниците, студентите и учениците. Сето тоа во услови кога на порталот се работи сосема волонтерски, без никакви финансиски средства, спонзорства или други извори. Слободно може да кажеме дека ИГЕО стана географски бренд во Македонија. Целта останува иста, секогаш оригинални и релевантни, со научно поткрепени текстови. Всушност, сите овие години, главна заложба беше токму објавување на оригинални статии, информации, карти, достигнувања во географската наука и сето останато што не чини единствен портал од таков вид во Македонија.

Во оваа прилика ги охрабруваме сите вљубеници во географијата, да достават свои интересни и оригинални статии кои ќе ја збогатат географската информираност, но и самите ќе се промовираат како вистински географи. Нека ни е честит 9-тиот роденден на ИГЕО (единствениот географски портал во Македонија), со желба да го оддржи темпото како бренд во нашата држава, да привлекува со уште поголемо внимание уште многу години и да бележи поголеми географски достигнувања и читаност!

Подготвиле: Бојана Алексова, дипл. географ и д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3438 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *