Некогашното Аралско Езеро (Море) речиси целосно се претвори во пустина!

26.09.2014

Аралско Езеро во август 2014 година.

Аралско Езеро или често нарекувано Аралско Море (на локален јазик: „море на острови“) e солено езеро на границата помеѓу Казахстан и Узбекистан. До средината на минатиот век ова езеро беше четврто по големина во Светот со површина од околу 68,000 км кв. и максимална длабочина од 115 метри. Меѓутоа, од 1960 година наваму, езерото старо близу 6 милиони години, започна драстично да се намалува и исушува. Главна причина за тоа беше намалениот доток на вода од двете негови притоки Аму Дарја и Сир Дарја, чии води беа пренасочени кон систем за наводнување изграден од поранешната СССР. Веќе во 1996 година, површината на езерото беше преполовена, а во периодот 2000-2005 година, некогаш единственото езеро се подели на северен и јужен дел. Во 2008 година, дури и овие два дела, поради натамошно исушување се поделија на источен и западен дел, односно настанаа Североисточно, Северозападно, Југоисточно и Југозападно Аралско Езеро. Помеѓу 2009 и 2012 година, големината на овие езера доста осцилираше. Минатата година, големото Југоисточно Езеро уште повеќе се намали, а овој август веќе целосно се исуши. Тоа е прв пат по цели 600 години да се исуши оваа страна на езерото, некогаш длабока и до 70 метри. Иако во изминатите 20-тина години имаше повеќе проекти од Казахстан, Узбекистан, Таџикистан и Туркменистан (последните 2 држави се дел од сливот) за спас на езерото, плановите не само што не успејаа, туку состојбата уште повеќе се влоши, покрај останатото и како последица на климатските промени во овој дел на Светот. Некои експерти сметаат дека нивото на езерото можеби неколку години ќе осцилира во зависност од временските прилики, но ако не се преземе нешто навистина крупно, Аралско Езеро целосно ќе исчезне. Инаку, заклучно со месец септември 2014 година, површината на сите делови на Аралско Езеро изнесува само 5000 км кв. или 7% од некогашната, а најголемата длабочина 28 метри. Како последица, значително се сменети климатските контрасти во регионот, рибарството од кое пред половина век егзистираа над 40.000 семејства денес е во колапс, а забележана е неколкукратно поголема стапка на морталитет во однос на 1960 година. Поради ваквите последици и изумирањето на бројни растителни и животински видови, Аралското Езеро станува пример за вистинска еколошка катастрофа.

Аралско Езеро во 1989 година (лево) и во 2008 година (десно).
Аралско Езеро во 1989 година (лево) и во 2008 година (десно).

Извори: http://en.wikipedia.org/wiki/Aral_Sea   http://earthobservatory.nasa.gov/Features/WorldOfChange

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6186 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *