24.09.2014
Ова лето во поголем дел од Светот беше значително потопло од просечните вредности. Меѓутоа, тоа не е случај со државите на Балканот, а во тие рамки и на Република Македонија. Според расположивите податоци, ова лето (месеците јуни, јули и август) просечната температура на воздухот во Скопје изнесувала 22,6 степени Целзиусови или дури 2 степени под просечната вредност за периодот 1981-2010 година. Од друга страна пак, врнежите беа надпросечно високи и за трите месеци изнесуваа вкупно 144 мм или близу 40 мм повеќе од просечните вредности. Уште поизразени отстапувања има доколку се земе во предвид календарското лето, бидејќи од 22 јуни до 23 септември, во Скопје наврнале дури 182 мм врнежи. Всушност, од почетокот на оваа 2014 година до 23 септември наврнале вкупно 514 мм, што одговара на целогодишната просечна сума на врнежи за овој град.
Во Гевгелија, иако летната температура била во рамките на просекот (26.6 степени Целзиусови), врнежите биле уште пообилни, особено во почетокот на септември. Така, овде од почетокот на годината до 23 септември наврнале 733 мм, а само во летниот период 225 мм врнежи. Всушност, само на 2/3 септември во Гевгелија за 24 часа наврнале 101 мм врнежи што е меѓу највисоките забележани дневни вредности во Македонија (сепак, рекордната вредност и натаму останува фантастични 201 мм/ден во истиот град).
Податоците за 6 мерни станици (Скопје, Берово, Охрид, Гевгелија, Крива Паланка и Штип), покажуваат просечни летни врнежи од околу 260 мм или за околу 80 мм над долгогодишните просечни вредности, додека пак температурата била пониска околу 1,5 степени Целзиусови. Инаку, во летниот период на оваа година, во најголем дел на Балканот, температурите биле 1,5-2,0 степени под просечните вредности, а врнежите околу 50% па и до 100% повисоки од просекот.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4492 пати!