7.04.2015
Иако се приближуваме кон средина на месец април, деновиве сме сведоци на ниски температури, проследени со врнежи на снег на повисоките места. Ваквите временски услови за овој дел од годината ни се чинат невообичаени, меѓутоа во повеќе години се случувале и во минатото. Имено, според расположивите податоци, во сите метеоролошки станици во Македонија, во месец април се забележани минимални температури под нулата, а во повисоките како Маврово, Лазарополе и Попова Шапка, дури и под -10 степени. Всушност, во повеќето мерни места (особено оние над 600 м н.в.) се забележани апсолутни минимални температури под нулата дури и во месец мај. Така, во месец мај се забележани апсолутно минимални температури од -5 степени Целзиусови во Кочани, Берово, Лазарополе и Попова Шапка. Од друга страна, во некои години се случувало април да биде тоста топол, а температурите да се искачат и над 30 степени (1989, 1995, 1998 и др.). Во однос на снежните врнежи, тие во пониските делови на Македонија (до околу 1000 м н.в.) обично се јавуваат од декември до март, во повисоките делови (1000-2000 м н.в.) од ноември до април, а во високопланинските делови (над 2000 м н.в.) од октомври до мај. Во повеќе „екстремни“ години во минатото (како што била 1954 година), во одделни котлини во Македонија се јавувале доцни априлски снежни врнежи дури и во пониските места во западниот дел на државата (Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и др.), а во Маврово, Лазарополе, Крушево и др. дури и во месец мај. На високопланинските делови пак, во минатите години снежни врнежи имало дури и во летните месеци, меѓутоа снегот обично се задржува многу кратко, најмногу до 2-3 дена.
Што се однесува до наредниот период, сите релевантни светски прогностички центри укажуваат дека до крајот на април, на овие простори ќе дојде до стабилизација на времето, повисоки температури и просечно пролетно количество на врнежи. Сепак треба да се биде претпазлив, со оглед што зголемените температури во следните 2 седмици може да доведат до топење на значителната снежна покривка во западните планински предели, појава на поплави, свлечишта, одрони, силна ерозија и други слични појави. Заради одредени глобални временски ситуации пак (како феноменот Ел Нињо), за разлика од минатата година, на Балканот се очекува топло и пријатно лето.
Извори: Лазаревски А. 1993, Климата на Македонија; бројни други извори на податоци.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5031 пати!