31.05.2017
Во месец мај 2017 година, д-р Ивица Милевски (Институт за географија при ПМФ – Скопје) и д-р Марјан Темовски (Институт за нуклеарни истражувања при Унгарската академија на науките), извеадоа првични теренски проспекции на планините Јабланица и Пелистер, како подготовка за поголеми истражувачки активности кои се планирани за ова лето. Станува збор за истражувања на плеистоцените климатски промени и нивните ефекти на неколку високи планини во Република Македонија (Јабланица, Пелистер, Шар Планина и Јакупица), со што ќе се добие подобра слика за глацијалните фази во изминатите неколку стотици илјади години на територијата на Македонија. Истражувањата се резултат на воспоставената соработка помеѓу Институтот за географија при ПМФ (УКИМ) во Скопје и Истражувачкиот центар за изотопска климатологија и истражување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецен, Унгарија, а во дел од истражувањата се вклучени и Институтот за геолошки и геохемиски истражувања во Будимпешта, Унгарија и Хидробиолошкиот институт во Охрид.
Истражувањата на Пелистер и Јабланица опфаќаат две теми: едната се однесува на палеоклиматските реконструкции базирани на седиментите од глацијалните езера на двете планини, додека другата се однесува на утврдување на староста на моренските блокови, со цел реконструкција на еволуцијата на ледниците кои егзистирале на овие планини до пред околу десетина илјади години. За потребите на овие истражувања, летово ќе се врши дупчење на седиментите во глацијалните езера на Пелистер и Јабланица, по што ќе следи нивно детално геохемиско испитување, како и собирање на примероци од моренски блокови кои биле носени од некогашните глечери, со цел утврдување на нивната старост. Аналитичкиот дел ќе опфати повеќе методи, при што староста ќе се утврдува со примена на различни радиогени изотопи, а палеоклиматските интерпретации ќе бидат примарно базирани на анализи на елементи во трагови и стабилни изотопи.
Како подготовка кон споменатите истражувања, во месец мај беа извршени теренски проспекции на глацијалните траги на Јабланица и Пелистер со цел проверка на нивните морфолошки карактеристики, распространетоста и карактеристиките на глацијалните седименти, нивниот литолошки состав и соодветност за утврдување на староста со примена на методата на космогени радиоизотопи. Анализите на староста ќе се вршат во соработка со Институтот за геолошки и геохемиски истражувања во Будимпешта. Како дел од овие теренски активности, на Јабланица беа посетени цирковите на Вевчанското, Подгоречкото и Лабунишките Езера, како и нивните пониски долински делови со остатоци од моренски материјал. Исто така, беше изведено детално картирање на распространетоста на одредени глацијални и периглацијани форми, странични, средишни и челни морени, како и проверка на литолошкиот состав. На планината Пелистер (Баба) беше прегледан северозападниот дел (над Нижеполе) и потегот од врвот Пелистер до Малото Пелистерско Езеро, при што беа вршени слични проспекции како на планината Јабланица.
Иако временските услови не беа во прилог (времето беше претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на врвот Пелистер не пречекаа ниски температури и врнежи од град), сепак теренските активности беа успешно реализирани, што овозможи натамошен тек на подготовките за теренските истражувања кои ќе следат во јули и август.
Подготвил: д-р Марјан Темовски.
Оваа статија е прочитана 5055 пати!