Нова верзија на Global Mapper (18.2) со најдобар 3Д приказ на теренот досега!

31.05.2017

Global Mapper е меѓу најкористените помошни или услужни ГИС програми на денешнината. Поради едноставната работна околина, малите хардверски барања, големите можности што ги нуди и релативно ниската цена, Global Mapper претставува многу потребна, а понекогаш и неопходна апликација. Главна намена на овој софтверски пакет е приказ и конверзија на преку 250 формати на геопросторни и сродни на нив податоци, со цел тие да можат понатаму да се користат во било која друга програма. Имено, геоинформатичките и ГИС софтверски пакети, обично подржуваат само неколку специфични формати на датотеки. Заради тоа се јавува проблем на неможност за користење на одредена датотека во друг софтверски пакет. Тука на сцена стапува Global Mapper кој може да изврши претворање на бројни растерски, висински, векторски и табеларни геопросторни податоци. Освен тоа, може да се менуваат проекции, да се мерат растојанија, површини и агли, да се прават топографски профили, автоматски да се генерираат изохипси, сливни подрачја, дренажни мрежи и сл. Голем скок во можностите за користење на овој програмски пакет донесоа верзиите 17 (во 2015-та година) и 18 (во 2016-та година). Со нив, се додадоа можности за 3D анализи на теренот, растерски пресметки, анализи на сателитски снимки, потоа извонредно реалистично тридимензионално рендерирање на теренот, виртуелен лет низ просторот, поставување на 3D реалистични објекти, интеграција со ГПС податоци, ЛИДАР модели и анализи и др. Верзијата 18 донесе и голема промена на интерфејсот како и новото лого и графика на менито. Сепак, како проблем остана 3Д приказот при значително зголемување (зум) на некој дел од теренот и појава на квадратчиња. Овој проблем конечно се надмина со најновата верзија 18.2 (мај 2017-та година), па сега може да се зумира практично неограничено, или до нивото што го дозволува резолуцијата на моделот, снимката и сл. Самиот приказ и обработка на растерски и векторски содржини се далеку побрзи од претходните верзии, а има новитети и во креирање на 3Д виртуелен лет низ просторот. Воедно, да напоменеме дека овој месец излезе и првата мобилна (бета) верзија на Global Mapper, а податоците може да се синхронизираат и со популарните онлајн складирачи на податоци (cloud storage).

Автоматски генерирани векторски леери врз 3Д приказ во верзијата 18.1

Се наметнува прашањето зошто е потребен Global Mapper кога го имаме Google Earth Pro со сите негови финеси и детални сателитски снимки. Предноста е што во Global Mapper може лесно да внесуваме свои податоци, да поставиме подетален и далеку подобар висински модел, снимка од дрон, сопствени скици, 3Д објекти, да додаваме профили, да генерираме речна мрежа, симулации на поплави, промени на релјеф и други постапки, речиси инстантно. Сите добиени прикази и содржини, може да ги снимиме во бројни растерски, елевациски или вектоски формати, во било која проекција која сме ја избрале.

Значително подобрен 2Д и 3Д приказ на просторот во верзијата 18.2

Во секој случај, за многу работи поврзани со географските информациски системи, Global Mapper стана навистина неопходен. Навидум едноставен, во себе „крие“ стотици различни функции и можности. Всушност токму затоа овој софтверски пакет се изучува на насоката ГИС на Институтот за географија во Скопје, при што континуирано се следат најновите верзии и промените во нив.

Подобрена фотореалистичност со верзијата 18.2 (Охрид)
Подобрена реалистичност на стрмни падини (пример Демир Капија, 18.2)

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4657 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *