Перу – Земја на Андите

Перу е држава во Јужна Америка, позната по својата богата историја, разновидна природа и културно наследство. Оваа земја нуди извонредни природно-географски предели, од планинските врвови на Андите, до дождовните шуми на Амазон и крајбрежните пустини кои се протегаат покрај Тихиот Океан. Имено, Перу се наоѓа на западниот брег на Јужноамериканскиот контитент и има излез на Тихиот Океан. Ги дели своите граници со: Еквадор и Колумбија на север, Бразил на исток, Боливија на југоисток и Чиле на југ. Со површина од 1,28 милиони km², Перу е третата најголема држава во Јужна Америка, по Бразил (8.51 милиони km²) и Аргентина (2.78 милиони km²).

Географска карта на Перу

Перу има три главни географски региони: Коста (крајбрежје) – тесна крајбрежна зона покрај Тихиот Океан, каде што се наоѓаат поголемите градови, вклучувајќи ја главната престолнина Лима. Потоа, Сиера (планинскиот регион) – област каде што се издигнува планинскиот венец Андите, со највисок врв Хуаскаран (6.768 m). Селва (џунглата) – најголемиот регион, кој го опфаќа источниот дел на земјата и е дом на густи дождовни шуми, познати како Амазонски прашуми. Реката Амазон, која тече низ Перу, е најголемата река во светот по проток на вода и втора по должина, веднаш после реката Нил. Нејзиниот извор е реката Марањон, која извира од Андите, на висина од околу 5.100 m надморска височина. Амазон тече низ Еквадор, Колумбија и Бразил и се влива во Атлантскиот Океан, создавајќи најголем речен слив на светот, со неверојатна биолошка разновидност.

Реката Амазон со Амазонската прашума во Перу

Перу има разновидна клима поради својата географска разновидност: на западното крајбрежје доминира пустинска клима со малку врнежи. На Андите температурите се значително пониски. Во Амазонската прашума владее тропска клима со висока влажност и обилни дождови во текот на целата година. Во однос на население, Перу има население од 34 милиони жители. Главен град е Лима, кој е економски, политички и културен центар. Други позначајни градови се: Арекипа – познат по својата колонијална архитектура, Куско – поранешната престолнина на Инките, Икитос – најголемиот град во амазонскиот регион, достапен само со брод или авион, Трухиљо – град со богато колонијално и археолошко наследство и многу други. Перу е познат и по своите археолошки богатства, а најпозната туристичка дестинација е Мачу Пикчу, древниот град на Инките сместен високо на Андите (2.430 m). Изграден во XV век од инканскиот цар Пачакутек, градот се состои од храмови, палати и терасирани полиња. Откриен од истражувачот Хирам Бингам во 1911 година, Мачу Пикчу денес е една од најпознатите туристички дестинации во светот и е прогласен за Светско наследство на УНЕСКО. Градот е симбол на инканската цивилизација и привлекува милиони посетители секоја година. Други значајни локалитети се вбројуваат: Светата Долина на Инките, Титикака – највисокото пловно езеро во светот и Кољка Кањон – еден од најдлабоките кањони во светот. Светата Долина на Инките (Valle Sagrado) се наоѓа на Андите, во близина на градот Куско, Перу. Оваа долина била значајно политичко, духовно и земјоделско седиште на Инките, благодарение на плодните почви и поволната клима. Долината денес е една од најпопуларните туристички атракции, поврзана со патот кон Мачу Пикчу и исполнета со богата историја и природна убавина.

Мачу Пикчу – древен град на Инките, со Лама во преден план

Езерото Титикака, сместено на границата помеѓу Перу и Боливија, е највисокото пловно езеро во светот, на надморска височина од 3.812 m. Тоа е второто најголемо езеро во Јужна Америка по површина (најголемо е Лаго де Марикаибо во Венецуела) и е познато по својата културна и историска важност. Титикака е дом на племето Урос, кое живее на вештачки острови направени од трска. Езерото е исто така важно за локалните заедници и има духовно значење за старите цивилизации, како што се Тиуанаку и Инките. Кољка Кањонот е сместен во јужниот дел на Перу, е еден од најдлабоките кањони на светот, со длабочина од 3.270 m. Овој природен феномен е формиран од реката Колка. Кањонот е популарна туристичка дестинација, особено за љубителите на планинарење и авантуристички туризам, и е познат по набљудување на кондорите, кои се едни од најголемите птици на светот.

Езерото Титикака

Знамето на Перу има три вертикални линии: црвена, бела и црвена, симболизирајќи ја крвта на хероите и мирот. Главната религија е римокатолицизмот, но постојат и други верски заедници. Перу е најголем производител на киноа (житна култура која била основна храна на Инките) и аспарагус (зеленчук) во светот. Ламата е едно од најпознатите животни на Андите и традиционално се користи како товарно животно. Во Перу има над 3.000 видови компири, повеќе од која било друга земја.

Напишала: м-р Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 26 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *