Рускиот воз е авантура која се памети: патувањето трае 7 дена и ноќи, а се поминуваат 8 временски зони

Русија најдобро ќе ја запознаете ако патувате со Транссибирската железница. Има ли нешто поубаво од патување со воз, додека надвор гледате снег. Транссибирската железница ја поврзува Москва со Монголија, Кина и Јапонското Море. Патот од Москва до Владивосток трае 7 дена, а се поминуваат 8 временски зони. Втората траса е Трансманџуриската железница која оди паралелно со Транссибирската до Тарскаја, а потоа кон југоисточна Кина сè до Пекинг. Третата е Трансмонголската железница, која се состои од Транс-сибирската траса до Улан Уде на источниот брег на Бајкалско Езеро, а потоа кон Улан Батор и Пекинг. Четвртата траса оди по Транссибирската линија и кај Бајкалско Езеро па сè до Пацификот.

Ако тргнете со Транссибирската железница на пат долг 7 дена, веројатно ќе се качите во Москва каде што часовниците се по московско време. Патувањето од Москва до Владивосток трае точно 153 часа и 49 минути, а возот обично не доцни или доцни минимално, еден до два часа. На станицата во Москва стои обелиск кој го означува нултиот километар, а во Владивосток, ист таков, кој го означува 9288-тиот километар. Од почетната, до крајната точка се поминуваат следните станици: Москва, Нижни Новгород, Перм, граница помеѓу Азија и Европа, Екатеринбург, Омск, Новосибирск, Краснојарск, Иркутск, Улан Уде (каде се одвојува Трансманџурската железница), Хабаровск и Владивосток. При попатното застанување, туристите може да решат да останат и да разгледаат некој од преубавите градови, чекајќи го следниот воз кој доаѓа за седум дена. Треба да се спомене дека во овој воз може да се сретне најразличен спектар на луѓе од различни звања, занимања и сталежи. Од војник до дипломат.

Првите асоцијации на Сибир најчесто се: зима, прогонство, осаменост. Оној кој не го сака снегот, тешко дека некогаш посакал да го види овој дел од светот. Спалните вагони се речиси неопходни. Ако патувате во прва класа, ќе бидете осудени на ужасно досадно патување во двојка. Во втората класа има по четири легла, а во третата педесет и четири. Познатата руска трета класа на вагони, брои 54 легла на кат во еден голем вагон и токму ова е вистинскиот начин за патување низ Русија, бидејќи со толку многу луѓе на едно место не може да биде досадно. Во некои возови мора да се плати за постелнина, но, се разбира, никој не ви забранува да си понесете своја. Константно ви се на услуга луѓе кои се грижат за редот и хигиената во возот. Ѓубрето од возот се фрла надвор, додека возот се движи, на општо изненадување на странците. Неизоставен детал на патувањето – водката, ја пијат речиси сите, цело време. Пушењето е дозволено само на крајот на секој вагон, но и проводниците понекогаш гледаат низ прсти кога веселбата е во полн ек. Храната е различна од воз до воз. Она што е заедничко за сите возови е цената. Храната е евтина, квалитетна и може да се набави дури и надвор од возот. Имено, неколку пати дневно, возот застанува во градчиња, на чии станици од локалното население може да се купи сè, од печени пилиња, варени компири и јајца, до пирошки. Руската кујна е здрава, вкусна и лесно се подготвува. Храната е многу посна, обично без месо, јајца, млеко и млечни производи. Најпознатите руски супи се шчи – супа од зелка и боршч – супа од цвекло. Во рускиот воз, сакале-не сакале, ќе делите оброк со сите. Штом дојде време за ручек, секој става на маса сè што има и се јаде братски. Овој обичај во светот е познат како „а ла рус“, а кај нас е познат како „шведска маса“.

Транс-Сибирската железница е редовен воз кој го користат „обичните“ Руси. Не е невообичаено да бидете поканети во купе во 09:00 часот наутро на појадок со вотка и срдечна дискусија. Колку подалеку возот се оддалечува од Европа, толку повеќе патници се Азијци. Тука се, секако, многу други туристи: од Европа, Америка и Јапонија (што не изненадува ако се знае крајната дестинација). На секоја станица паузата од 10 – 20 минути можете да ја искористите за да купите работи од препродавачи кои нудат буквално сè. Од волнени шалови, Сибирски шубари, огромни мили играчки, па до димена риба. Можете и да се ценкате, но со возот кој ја напушта станицата за неколку минути, а следниот пристигнува дури за неколку дена, нема време за долги преговори. Една од работите што вакво долго патување овозможува е подарок во вид на слободно време. Искористете го за да се дружите со саканата личност, да запознаете нови луѓе или едноставно да уживате во мирот седејќи и гледајќи низ прозорецот. Читајте – можеби дури и ќе успеете да завршите некој роман од Толстој. Она што е важно да се додаде е дека без разлика на временската зона низ која моментално поминувате, часовниците во Транссибирскиот воз покажуваат московско време.

Транс-Монголска и Транс-Манџурска рута

Туристички популарна од Транссибирската е Трансмонголската рута која води јужно покрај Бајкалското Езеро во татковината на Џингис Кан. Рутата започнува со пејзаж опкружен со ридови и тревни степи, продолжува покрај традиционалните куќи и нивните храбри жители (познати по стрелаштво и јавање без седло), понатаму низ прашливите пејзажи на пустината Гоби, до крајната дестинација – Пекинг. Трансманџуриската рута исто така води до Пекинг, но наместо на југ, се протега кон исток низ огромната провинција Манџурија. Она што најчесто ги привлекува туристите на оваа рута е поминувањето покрај Кинескиот ѕид и градот Харбин каде секоја зима се одржува познатиот фестивал на скулптури од мраз и снег,

Извор: Telegraph.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 28 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *