Во колку часот по наше време настапува Новата година низ Светот

31.12.2012

Денес, на 31.12.2012 година ја напуштаме 2012 и ја пречекуваме 2013 година, а моментот на преминот се нарекува Нова година. Поради Земјината ротација од запад кон исток како и поделбата на часовни зони, Новата година не пристигнува едновремено на целата Земјина топка. Првин започнува на островот Каролина (Република Кирибати), кој е речиси на самата Меѓународна датумска граница на Пацификот (всушност сосема малку позападно од датумската граница). Потоа доаѓа во Нов Зеланд, па во Австралија, во делови на Источна Азија, потоа во Централна и во Западна Азија. По десетина часа, Новата година ќе дојде во Европа, Африка, а уште 5-6 часа подоцна и во Америка. По речиси 24 часа откако настапила на островот Каролина, Новата година доаѓа и до последните места на Земјата-неколку групи острови сосема малку поисточно од датумската граница. Всушност еве во колку часот утре ќе настапи Новата година на некои места според средноевропското односно македонско време:

11 часот: Кирибати
12 часот: Нов Зеланд и најисточните делови на Русија
13 часот: Делови од источна Русија, западен дел на Нов Зеланд, Маршалски острови и др.
14 часот: Поголем источен дел од Австралија, дел од Русија, Папуа Нова Гвинеја и др.
15 часот: Квинсленд-Австралија
16 часот: Јапонија, Јужна Кореја
17 часот: Кина
18 часот: голем дел од Индонезија, Тајланд и др.
19 часот: Бангладеш, делови од Русија
20 часот: Пакистан
21 часот: Голем дел од Русија, Обединети Арапски Емирати
22 часот: Ирак, Саудиска Арабија
23 часот: Бугарија, Грција, Романија, источен дел од Африка и др.
00 часот: Македонија и голем дел од Централна Европа и Централна Африка
01 часот: Велика Британија, Португалија, западен дел на Африка
02 часот: Делови на Гренланд
03 часот: Голем дел на Бразил, Уругвај
04 часот: Аргентина, региони на Бразил и 7 други држави
05 часот: Некои региони на Канада, САД и 24 други држави
06 часот: Региони на Канада, САД и најисточен дел на Јужна Америка
07 часот: Региони на Канада и САД
08 часот: Региони на Канада, САД и Мексико
09 часот: Региони на Канада и САД
10 часот: Аљаска
11 часот: западни делови на Аљаска и острови на САД
12 часот: Американска Самоа

Според официјалното, средноевропско време (кое е по 15-тиот степен и.г.д.), Новата година во Република Македонија настапува на целата територија точно на 1-ви јануари во 00 часот. Меѓутоа, бидејќи нашата држава е значително по на исток (20-23 степени и.г.д.) од централниот меридијан на средноевропското време, по реалното, локално (меридијанско) време, Новата година ќе дојде околу половина час порано, односно околу 23.30 часот. Првин ќе настапи во најисточните делови на нашата држава (Пехчево, Берово, Делчево), потоа минута по минута подоцна во централните делови и по 10-тина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава (Дебарско).

Со оваа статија, последна за 2012 година ИГЕО-порталот Ви посакува среќна и исполнета Нова 2013 година!!!

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *