27.12.2014
Нова година е ден што го означува времето на почетокот на нова календарска година. Година пак е временски период за кој Земјата врши една потполна револуција (кружење) околу Сонцето и изнесува 365 дена 5 часа, 48 минути и 46 секунди или приближно 365,25 дена. Таканаречената „Граѓанска година“ која се користи во светот, од практични причини е заокружена на 365 дена, а остатокот од 6-те часа се „собира“ во текот на 4 години кога се додава како ден повеќе на месецот февруари (тогаш е престапна година). Таква престапна година ќе биде 2016 година, кога февруари ќе има 29 дена.
Според грегоријанскиот календар кој денес се смета за „официјален“ светски календар, Новата година е на 1-ви јануари. Тоа, како традиција останало од стариот Римски календар поставен пред околу 2700 години, по кој е и редоследот на месеците како што го знаеме денес (јануари-декември). Прославувањето на Новата година е еден од најстарите обичаи. Новата година веројатно први почнале да ја слават древните Кинези или пак старите Германи или Римјани. Старите Германи со славењето всушност ја одбележувале смената на годишните времиња. Бидејќи зимата во нивните области почнувала во средината на ноември кога се завршувала жетвата, се собирале и се веселеле поради завршетокот на жетвата и претстојниот одмор. Така можеби настанал големиот празник: Нова година. По освојувањето на Европа, Римјаните во 153-та година пред нашата ера, го промениле датумот на славењето на Новата година на први јануари. Новата година ја славеле како симбол на почетокот на новиот живот и новите надежи за иднината. Тој обичај и значење се задржале до денешен ден. Во Средниот век, во разни подрачја на светот, Новата година започнувала на различни датуми: на 1-ви март, 25-ти март, 1-ви септември, 25-ти декември и др. Така, во Англија и Велс, до 1751 година, Новата година започнувала на 25-ти март, а од тогаш е прифатен датумот 1-ви јануари. Русите пак, некаде до X-тиот век, Новата година ја дочекувале и славеле на први март, како датум на пристигнување на пролетта. Празнувале во честа на Сонцето, а нивните обреди имале магиско значење. Во Јулијанскиот календар кој уште го применуваат некои цркви (Руската, Српската, Македонската), Новата година започнува на 13-ти јануари, од причина што овој календар доцни 13 дена зад новиот, Грегоријански календар. Кај нас датумот 13-ти јануари е познат уште како Стара Нова година (Нова година по стариот календар), православна Нова година (иако и многу православни цркви го прифатија и го употребуваат Грегоријанскиот календар) или под други називи. Како и да е, добрите познавачи на митологијата велат дека Новата година симболизира регенерација на космосот, копнеж за обновување и почеток на новото. Инаку, според христијанската традиција 1 јануари е денот на обрежувањето на Исус (осмиот ден од денот на неговото раѓање), кога му било дадено името Исус.
Одбележувањето и украсувањето во чест на Новата година, не било отсекогаш онакво какво што го знаеме денес. Во многу христијански земји, некаде пред околу два века, новогодишното дрво (елка) почнало да се кити со ѕвезда на врвот, светкави украси, венци, снег, а нешто подоцна како симбол се јавил и Дедо Мраз. Новогодишното дрво е симбол на древниот свет и претставува „космичко дрво“ кое покажува кон небото (вселената). Ѕвездата на врвот се поставува поради верувањата дека секој човек има своја ѕвезда која се појавува на небото во моментот на неговото раѓање и ја претставува неговата среќа. Подароците пак се израз на желбата за благосостојба, па оттука украсувањето на домот, како и поставувањето на богати, свечени трпези.
Инаку, поради Земјината ротација од запад кон исток како и поделбата на часовни зони, Новата година не пристигнува едновремено на целата Земјина топка. Првин започнува на островот Каролина (Република Кирибати), кој е речиси на самата Меѓународна датумска граница на Пацификот (всушност сосема малку позападно од датумската граница). Потоа доаѓа во Нов Зеланд, па во Австралија, во делови на Источна Азија, потоа во Централна и во Западна Азија. По десетина часа, Новата година ќе дојде во Европа, Африка, а уште 5-6 часа подоцна и во Америка. По речиси 24 часа откако настапила на островот Каролина, Новата година доаѓа и до последните места на Земјата-неколку групи острови сосема малку поисточно од датумската граница.
Според официјалното, централноевропско време (кое е spored по 15-тиот степен и.г.д.), Новата година во Република Македонија настапува на целата територија точно на 1-ви јануари во 00 часот. Меѓутоа, бидејќи нашата држава е значително по на исток (20-23 степени и.г.д.) од централниот меридијан на средноевропското време, по реалното, локално (меридијанско) време, Новата година ќе дојде околу половина час порано, односно околу 23.30 часот. Првин ќе настапи во најисточните делови на нашата држава (Пехчево, Берово, Делчево), потоа минута по минута подоцна во централните делови и по 10-тина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава (Дебарско).
Како и да е, Ви посакуваме среќна и исполнета Нова 2015 година!!!
Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ-Скопје
Оваа статија е прочитана 7700 пати!