Кои се највисоките православни храмови во светот?

20.04.2020

Христијанството е една од најстарите, а воедно најбројната религија во светот и има околу 2,2 милијарди верници. Христијанството се дели на три групи или цркви: католицизам, протестанство и православие. Според одредени проценки, православни верници се околу 260 милиони или 11,81 % од христијаните. Во православни народи спаѓаат: Македонците, Србите, Бугарите, Грците, Црногорците, Русите, Украинците, Белорусите, Романците, Молдавците, Грузиците, Етиопјаните и др. Во продолжение ќе ги издвоиме и разгледаме највисоките православни храмови во светот, а како критериум за одредување е земена височината од тлото на храмот до самиот врв на највисокиот крст на црквата.

Највисок православен храм во светот е „Спас на романскиот народ“ кој сеуште е во градба (главната конструкција е изградена). Црквата се наоѓа во градот Букурешт (Романија) и е висока неверојатни 135 метри.

Втора на листата највисоки православни храмови во светот е црквата „Храм на Христос Спасителот“ во Москва (Русија), која е висока 103,4 метри. Црквата била градена речиси 40 години, а првично осветена во 1883 година. Во 1931 година, за време комунистичкото владеење во СССР била срушена со експлозив. Во периодот 1990 – 2000 година храмот повторно е изграден во неговата првобитна состојба.

Следен во листата највисоки храмови е катедралата „Свети Исак“, која се наоѓа во Санкт Петербург (Русија). Храмот е изграден во 1858 година, а од 1931 година функционира како музеј. Инаку, максималната височина на оваа катедрала е 101,5 метри.

Четврта на листата е „Православната катедрала Темишвар“ која се наоѓа во истоимениот град во Романија. Катедралата е составена од 11 кули од кои највисоката е висока 90,5 метри. Катедралата е изградена во Нео – молдависки стил, кој е заснован од комбинација на повеќе стилови како што сe: романско православен, доцноренесансен, византиски и др.

Меѓу највисоките православни храмови во светот се наоѓа и храмот „Св. Троица“ во Тбилиси (Грузија), кој е висок 87,1 метар. Овој храм е изграден во традиционална грузиска црковна архитектура, а истиот е осветен во 2004 година.

Исто така, импресивна градба има и катедралата „Св. Троица“ во Баја Маре (Романија). Надворешната конструкција е завршена во 2016 година, а со тоа самата катедрала има максимална височина од 85 метри.

Во листата на највисоки храмови се наоѓа и црквата Св. Сава во Белград. Всушност овој храм има височина од 82 метри и е највисок и најголем храм на Балканскиот Полуостров. Храмот започнува да се гради во 1935 година, а за време на Втората Светска Војна изградбата е стопирана и истата повторно продолжува од 1984 година. Денес во храмот се уредува неговата внатрешност.

Еден од највисоките православни храмови во светот е и црквата „Св. Троица“ во Санкт Петербург (Русија), која е висока 80 метри. Храмот е осветен во 1835 година, а во 1938 година за време на комунизмот е затворен. Во 1990 повторно е отворен за православните верници.

Иако, според својата височина (47,5 m) не е една од 10 – те највисоки православни храмови во светот, црквата „Свети Василиј“ во Москва (Русија) според својот изглед и архитектура се издвојува како една од најпознатите, најпопуларните и најфасцинантните православни храмови во светот.

Десетте највисоки православни храмови во светот

Инаку, во Република Македонија меѓу највисоките и најголемите православни храмови се: „Св. Константин и Елена“, Соборниот храм – „Св. Климент Охридски“ и  „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, црквата „Успение на Пресвета Богородица“  и „Св. Никола“ во Штип, „Св. Ѓорги“ во Кочани, „Св. Троица“ во Радовиш, „Св. Архангел Михаил“ во Виница,  „Св. Никола“ во Куманово, „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Никола“ во Тетово и др. Од манастирските цркви највисоки и најголеми се: Св. Богородица Пречиста (Кичевски манастир), Св. Јован Крстител (Бигорски манастир), Св. Јоаким Осоговски (Осоговски манастир) и др.

Соборен храм „Св. Климент Охридски„ во Скопје (лева горна фото.), црква „Св. Никола“ во Штип (десна горна фото.), Бигорски манастир (лева долна фото.) и Осоговски манастир (десна долна фото.)

Извори:
https://en.wikipedia.org/wiki/List_of_largest_Eastern_Orthodox_church_buildings

Istoric


https://mk.wikipedia.org/wiki/

Подготвил: Дарко Стојчески, дипломиран географ

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *