1.04.2017
Развојот на туризмот, како стратешка определба во Република Македонија, се приклучува на современите светски текови, каде е-туризмот зазема водечка улога. Тоа најмногу се гледа по застапеноста и понудата на објектите за сместување, на светски познатите туристички портали како што е booking.com. Booking.com е светскиот лидер во он-лајн резервации за сместување, достапен на повеќе од 40 јазици и нуди над 1,2 милиони сместувачки капацитети во 225 земји ширум светот. Преку него, секојдневно се резервираат околу еден милион ноќевања, остварувајќи фантастичен годишен туристички промет од 15-20 милијарди долари! Booking.com всушност стана еден вид репер за тоа какви се сместувачките објекти и каква е воопшто состојбата со туризмот на некоја дестинација. Тоа пак, значително влијае врз изборот и популарноста на одредена туристичка дестинација, регион или држава. Во таа смисла, охрабрувачки е големиот пораст на бројот и квалитетот на објекти кои преку booking.com се нудат во Македонија. Така, во 2005 година немаше речиси ниту еден онлајн достапен објект во нашата држава, а 5 години подоцна (во 2010 година), нивниот број изнесуваше едвај 30-тина. Сепак, по само 2 години (во 2012 година), бројката на понудени објекти скокна на 180 и тоа во Охрид 90 сместувачки објекти (главно вили и помали хотели), во Скопје 55, Битола 10, Маврово 5 и во сите останати места уште 20 објекти.
По 2 години, односно во 2014 година, понудата скокна повеќе од двојно, на над 500 сместувачки објекти, повторно сконцентрирани главно во Охрид и Скопје. Во месец октомври минатата (2016-та) година, бројката достигна 893 објекти кои се нудат за сместување, додека заклучно со 1 април 2017 година, таа изнесува 930 објекти. Интересно е што според најновите податоци, во последните 6 месеци некои места бележат стагнација или благо намалување во понудата на Booking.com (Охрид, Битола, Струга). Скопје пак бележи значителен раст (од 241 на 296 објекти), а радува и фактот за голем раст во Дојран, кој сега нуди дури 37 објекти. Едновремено, оценките на туристите за квалитетот, нивото на услугите, односот на сопствениците и персоналот во објектите се се повисоки и подобри, што значи натамошна препорака за посета на нови групи туристи.
За жал, покрај порастот на понудата во некои места, сепак постои огромна просторна нерамномерност во рамките на Македонија. Така, 80% од понудата е во Охрид и Скопје, а заедно со Битола, Дојран и Струга, тој процент е 91%. Од друга страна, во целиот Североисточен плански регион, на Booking.com се нудат само 9 објекти за сместување, а во Источниот регион едвај 13 објекти или заедно само 2% од вкупната понуда во Македонија. Значи сместувачката понуда е сосема недоволна со оглед на големината на овие региони (23,5% од површината на државата) и на бројните туристички атракции и содржини во нив. Тоа значи дека многу поголемо внимание во туристичкиот развој на овие региони треба да се посвети на креирање, уредување и промоција на поголем број сместувачки капацитети, пред се приватно апартманско сместување, вили, но и објекти во кои ќе може да се сместат поголеми туристички групи (30-40 туристи). Без тоа, уредувањето и промоцијата на туристичките локалитети и содржини ќе биде со многу слаб финансиски и развоен ефект, без оглед на големите вложувања.
Следен глобално брзорастечки е-туристички сместувачки портал е извонредниот и веќе многу популарен „Airbnb“. Преку него луѓето можат да издаваат или да изнајмат соби, апартмани, вили и други индивидуални објекти за престој. Airbnb е основана во 2008-ма година, со седиште во Сан Франциско, Калифорнија и е во приватна сопственост. Денес нејзините услуги се достапни во речиси сите држави во светот. Во Македонија, понудата на сместување преку Airbnb доживува вистински бум, со оглед на тоа што пред 5 години немаше речиси ниту еден објект, а денес има преку 1200 соби, апартмани и вили. Сепак, нерамномерноста овде е уште поголема. Додека во Скопје и Охрид се нудат по околу 500 сместувачки единици, во Битола 50, во Крушево 18, Гевгелија 17, Маврово и Дојран по 14, дотогаш во целиот Источен плански регион се нудат само 14, во Североисточен 9, а во Преспанскиот регион само 5 сместувачки единици. Веројатно, ваквата состојба е поради слабата информираност на населението во споменатите региони, незапознаеноста со финансиските придобивки што може да ги имаат сопствениците со релативно скромни вложувања (потребна е само регистрација на Airbnb која е бесплатна, поставување на информации и снимки од објектот кој ќе се издава, мало дотерување на собата-собите или домот, креирање на туристичко-рекреативни активности и сл.), незнаењето на англиски јазик, компјутерски технологии и др. Сепак, со мали проекти и работилници, за кратко време и овде можат да се добијат одлични резултати, а понудата и финансиската добивка драстично да се зголемат. Всушност тоа треба да биде главниот приоритет во споменатите туристички слабо развиени региони и локалитети во Македонија.
Дека со поставување на сместувачки објекти на двете моментално најголеми онлајн туристички платформи: Booking.com и Airbnb може да се постигнат фантастични резултати, покажуваат примерите од соседството. Така, во Бугарија на двата портали се нудат близу 10 000 сместувачки единици. Во Албанија за 5 години бројката скокна од околу 50-тина на преку 3000 сместувачки единици (од кои 1200 на Booking.com), а во Србија тој број денес изнесува над 5000 единици од кои само на Booking.com 2850. Според повеќе истражувања во Србија и Бугарија, просечната годишна заработувачка од издавањето на 2-3 соби, кат од куќа или апартман на Airbnb, изнесува околу 4500-5500 еур., во зависност од локацијата, уреденоста, достапноста, сезоналноста, популарноста, позицијата на порталите, оценките и сл. За домаќинства во посиромашните и периферни региони, тоа се одлични приходи, кои со разни дополнителни содржини може уште повеќе да се зголемат. Секако, за да се задржи добрата позиција на двата портали, а со тоа и интересот на туристите, неопходна е перманентна посветеност, љубезност, отстранување на недосатоците и забелешките во оценките (ривјуата) и солидна поврзаност со туристичката понуда во областа. Да се надеваме дека во идниот период ќе се постигне поголема рамномерност и подобра застапеност на сместувачки и севкупни туристички содржини во слаборазвиените региони на Македонија, а со тоа драстично ќе се подигне животниот стандард на населението во нив.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5865 пати!