17.03.2015
На 11 Август, 1999 година се случи последното затемнување на сонцето во минатиот век. Што е уште поважно, покрај целосното, се јави широк појас на делумно затемнување, кој премина и преку територијата на Република Македонија. Овој неверојатен спектакл, од планетата Земја директно го набљудуваа најмногу луѓе до сега – околу 2 милијарди, а преку медиумите, можеби двојно повеќе. Некои затемнувањето го гледаа со радост, други со страв, па дури и ужас, а во дел од светот, луѓето се молеа на бога, бидејќи мислеа дека тоа е божја волја. Затемнувањето започна кога дискот на месечината го прекри Сонцето, а сенката се појави близу до канадскиот брег крај Нова Шкотска (во 10.31ч по средноевропско време). Тука ширината на потполната сенка изнесуваше 110 km, а истата постепено се движеше кон исток т.е. северните делови на Европа со брзина од 2.400 km/ч (0.7 km/s). Точно во 12.10ч, сенката ги достигна британските острови Сили, а по минута и грофовството Корноул во југозападна Англија. Само овде, затемнувањето на Сонцето беше набљудувано од 1 милион луѓе. Нешто подоцна, сенката помина преку
Париз, каде на кратко беше пуштено уличното осветлување. Јужна Германија беше парализирана од огромни 20 километарски колони на автомобили кои брзаа директно да го набљудуваат феноменот. Сенката од целосното затемнување, околу 13ч мина низ јужна Унгарија и северна Војводина (северно од Кикинда), понатаму југозападна Романија и преку Бугарија (нејзиниот источен приморски дел) продолжи кон Турција. Во Романија, во градот Римничу Вилчеа, затемнувањето траеше најдолго, така што градот цели 2 минути и 27 секунди беше во потполн мрак. Во овој дел од Романија, бројни истражувачи од земјата, но и од воздух-со специјални авиони, го набљудуваа феноменот, а обичните луѓе за 100 $ можеа да го видат сончевото хало од авион.
Во Европа, целосното затемнување можеше да се набљудува само во два главни града: Луксембург и Букурешт.
По минувањето на азиската територија, сенката преку Турција, Ирак и Пакистан, постепено исчезна во Бенгалскиот залив во Индија.
Скоро целата патека на затемнување (еклипсички појас) ја набљудуваа единствено членовите на посадата на вселенската станица МИР. Но и бројни американски истражувачки летала, со посебно одредена брзина ја следеа сенката преку атлантикот и делови на Западна Европа за да го продолжат времето на набљудување. Вкупната должина на поминатиот пат на сенката, од Нова Шкотска до Бенгалскиот залив изнесуваше околу 12.000 км, за време од 5 часа.
Во западните земји, затемнувањето беше пречекано со славење, пиво и шампањско, додека во претежно муслиманските азиски земји, најголем дел од населението времето го помина во во верските објекти молејќи се со посебни молитви за да се спасат од евентуални несакани последици или катастрофи.
За време на затемнувањето, се случија и некои други интересни феномени. Така, поради нагло намалување на сончевата радијација, опадна температурата на воздухот, дојде до промена на воздушниот притисок, а воедно се појавија и воздушни струења (посилен ветар). Интересна беше промената на биоритамот на животните, посебно кај птиците. Имено, некои птици за кратко време потонаа во сон. Дел од животните делуваа исплашено, а пак оние кои обично преку ден „спијат“ збунето се „разбудија“ од сонот и ја започнаа својата активност.
Делумното затемнување се гледаше и од територијата на Република Македонија. Максималното затемнување на Сонцето, се
случи околу 13.01ч, така што во тој момент Сонцето беше прекриено со 91%, но таа вредност варираше во зависност од географската ширина и поголема беше во крајните северни делови а помала во јужните (меѓу 90.2 и 91.5%). Од друга страна, делумното затемнување, над Македонија можеше да се набљудува многу подолго отколку затемнувањето над еклипсичкиот појас (појас на целосно затемнување) т.е. од 11.35 до 14.25ч. Поради тоа што во овој временски период главен дел од сончевата радијација потекнуваше од рабниот дел на сонцето и од короната, бевме сведоци на необично намалена светлина. Од друга страна, УВ зрачењето имаше скоро константна вредност, па оттука и предупредувањата да не се гледа со незаштитени очи односно со посебни темни филтри со голем фактор на заштита (над 14). Како заштита од зрачењето, при набљудување обично се користат специјални темни, кафеави, зелени или сини филтри (кои одат во комплет со соларни телескопи), маски за заварување, повеќеслојни темни стакла (од амбалажа и др.), двојно превиткан неразвиен филм за фотоапарат, два преклопени ЦД дискови и сл. Но во развиените западни земји, интензивно се делеа или продаваа специјални очила од картонска рамка, кои всушност се изработени од темна филмска фолија. И покрај сите мерки на предупредување, се проценува дека од последното затемнување, во светот (посебно во азиските земји) ослепеле над 100 луѓе, што сепак е релативно мал број бидејќи само при претходното затемнување на дел од Британија (1927) ослепеле 20 луѓе.
Вака интензивно затемнување многу ретко се повторува, еднаш на неколку стотици години. Така, на подрачјето над Македонија, затемнувањето на Сонцето од 11 август 1999 година беше околу 91% (близу до тотално). Затемнувањето во 2011 година беше многу помало – само 64%, а уште помало она во март 2015 година: 45%. Следно вака изразено затемнување над Македонија како во 1999 година (околу 92%) ќе има дури во септември 2081 година. Затоа истото во Македонија беше проследено спектакуларно, со огромно внимание, но и страв. Поради недоволната запознаеност со феноменот и претераните па дури и погрешни предупредувања, многумина останаа затворени во домовите, воопшто не ни помислувајќи да излезат надвор, иако времето беше прекрасно. Уште помал број се осмелуваа да гледаат кон сонцето, дури и со заштитни очила, фолии и сл. Некои пак, се решија да отидат посеверно, во Србија или во Бугарија за да го следат директното затемнување. Самото доживување, чудната светлина, однесувањето на животните и сл., беа единствено и неповторливо искуство.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6864 пати!