15.07.2012
Да се живее на Месечината е една од големите желби и цели на човештвото, посебно по првите слетувања на овој природен сателит. Меѓутоа, според најновите истражувања, научниците мислат дека дебелите наслаги од прашина можат да бидат отровни за луѓето.
Површината на Месечината е покриена со дебел слој на многу ситна прашина, која би можела лесно да дојде до дишните патишта, зголемувајќи го ризикот од разни канцерозни болести – слично како вдишување на азбест или вулканска прашина на Земјата. Истражувачите од Универзитетот во Тенеси укажуваат дека астронаутите од мисијата Аполо се жалеле на иритација на кожата, очите и дишните патишта што веројатно е поврзано со изложеност на прашина од Месечината. Таа прашина, астронаутите ја внеле во леталата преку нивната облека и техника, за време додека престојувале на површината. Ако вакви интензивни ефекти се предизвикани од краткотраен „контакт“ со Месечината, може само да се замисли што би се случило при повеќедневен или повеќемесечен престој. Колку почесто би се движеле по месечевата површина, толку повеќе прашина би внесувале во деловите за живеење, што би претставувало сериозна опасност по здравјето. Откако еднаш ќе се внесе во дишните патишта, оваа супер-ситна прашина со остри рабови, може да предизвика бројни здравствени проблеми. Исто така, прашината која била изложена со милениуми на УВ зрачење, може лесно да се „налепи“ и акумулира во белите дробови. Проблем е тоа што прашината и реголитот, поради отсуство на ерозија се остри како ситно искршено стакло, што може да предизвика оштетување на кожата и очите. Според тоа, шетањето по Месечината се чини се поневозможно, не само поради ограниченоста заради дишењето, туку и поради непрегледните наслаги на супер ситна, остра и озрачена прашина. Веројатно, барем во блиската иднина, нашиот престој на единствениот Земјин сателит ќе биде ограничен на подземните простории и бази.
Извор: http://www.dailymail.co.uk
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4346 пати!