Колку изнесува должината на сите патишта во Македонија?

28.05.2015

Патна мрежаМакедонија има навистина голем број на патишта. Согласно техничките и останати карактеристики, тие се поделени на автопатишта, магистрални, регионални, па до сервисни улици, пешачки патеки и сл. Благодарение на најновите технологии на далечинска детекција (спектрална анализа на сателитски и аероснимки), како и сите достапни векторски – дигитални датабази, успеавме да добиеме некои интересни податоци за патиштата во нашата држава. Од изведените анализи произлезе дека во нашата држава има вкупно 28 620 патишта од разни категории и видови. Вкупната должина на сите асфалтни, поплочени, покриени, потоа подобри макадамски, земјени патишта и улици во Република Македонија, изнесува 23 940 км или значително повеќе од растојанието Скопје-Сиднеј. Површината што ја зафаќаат сите овие патишта изнесува 146 км квадратни, или квадрат со страни од 12 км! Од наведената должина, 242 км се автопатишта, 911 км се магистрални патишта, 3771 км се регионални, 9258 км локални патишта, дополнителни 7000 км се резиденцијални градски улици, а околу 3000 км се разни макадамски, земјени и други патишта (не вклучувајќи ги пешачките патеки и стази).

Патиштата во Македонија минуваат преку терени со различна надморска височина. Најниска патна точка во Македонија (45 м) се наоѓа на локалниот пат југоисточно од Гевгелија (кон касиното Сенатор), близу до границата со Грција, а некои Патиштамакадамски и подобри теренски патишта пак се искачуваат и над 2500 м (патот до Солунска Глава, до репетиторот на Пелистер, добриот макадамски пат до Кајмакчалан и др.). Највисоките асфалтни патишта се искачуваат до 1800 м и тоа кај Попова Шапка, кај скијачкиот центар Кожуф, асфалтните патишта на планината Бистра и др. Просечната височина на севкупната патна мрежа во Македонија е 465 м. Асфалтните патишта лежат на нешто пониска просечна надморска височина од 386 м, додека подобрите макадамски и земјени (по кои можат да се движат возила) патишта се со просечна височина од 525 м.

Земено по општини, најдолга вкупна патна мрежа има Прилеп (1107 км), потоа Битола (845 км), Куманово (665 км),

Макадамскиот пат за Солунска Глава на височина од 2300 м

Гостивар (628 км), Охрид (470 км) и др. Ако пак се земе Скопје како целина, вкупната должина на сите патишта во градот изнесува 1044 км, додека заедно со оние во рамките на општините кои го сочинуваат, 1335 км.

Инаку, вкупната должина на сите патишта во светот изнесува околу 65 милиони км, или колку растојанието од планетата Земја до планетата Марс. Од државите, најдолга патна мрежа имаат САД со близу 7 милиони км, потоа Индија со 5 милиони км, слично како и Кина, а Македонија е на 120-то место со 14200 км (официјален податок на Македонија Пат).

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6202 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *