Колку изнесува реалната топографска површина на Република Македонија?

26.10.2013

Како што е познато, Република Македонија има официјална статистичка површина од 25 713 км кв и таа вредност е присутна речиси во сите документи и учебници. Тоа е таканаречената планарна или „рамна“ површина, односно онаа што ја добиваме од картите без да се земат во предвид нерамнините во релјефот. Многу посложено е да се утврди вистинската или „реална“ топографска површина, која ги зема во предвид реалните површини на сите падини, наклонети терени, отсеци и слично. Кај рамничарски терени и држави како Холандија, Полска, Унгарија и други, реалната површина е речиси сосема иста со планарната. Меѓутоа, за планински подрачја и држави како што е Македонија (Швајцарија, Австрија, Албанија), реалната површина е значително поголема од планарната или картографската. До неодамна, пресметувањето на реалната површина на некоја поголема област беше геодетски, долготрајно, макотрпно и комплицирано. Денес, со помош на дигиталните модели на релјефот и наменските софтверски пакети, оваа постапка може да се изведе многу брзо и релативно прецизно.

Нашите пресметки од 30-метарскиот и двојно подобрениот 15-метарски дигитален модел на релјефот (базирани главно врз сателитски изведените модели 1″ASTER GDEM и 1-3″SRTM), покажуваат дека реалната топографска површина на Република Македонија изнесува 26887 км кв што е за 1174 км кв или 4,6% повеќе од официјалната картографска површина. Тоа воопшто не е за занемарување и е колку површината на најголемата општина во нашата држава – Прилеп, или речиси колку некоја од најголемите котлини. Самите модели пак, за планарна вредност на државната територија, даваат 25417 км кв, а слична вредност се добива и од детално векторизираната државна граница. Тоа е таканаречената катастарска површина, која е помала од статистичката, официјална и меѓународно прифатена (25713 км кв), а уште помала од реалната топографска површина (26887 км кв). На приложената карта се гледа каде се најголемите отстапувања помеѓу реалната и планарната површина (жолта до црвена боја), за што треба да се води сметка во разните административни и други пресметки.

Автор: д-р Ивица Милевски

Забелешка: наведените вредности за катастарска и реална површина се пресметани од страна на авторот и не се официјални. За официјалните податоци е надлежна Агенцијата за катастар на недвижности на РМ. 

Оваа статија е прочитана 5671 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *