29.10.2013
Често сме инспирирани од огромните градови-мегалополиси кои бројат над 10 или 15 милиони жители. Но кој е најмалиот град на светот? Според достапните податоци, станува збор за хрватскиот средновековен град Хум кој денес има само 25 жители. Според пописот во 2001 година, градот имал дури и помалку, односно 17 жители, со што бил запишан во Гинисовата книга на рекорди. Всушност, според историските податоци, Хум никогаш немал повеќе од 20-тина домаќинства и 100-тина жители. Овој необичен град кој се наоѓа во срцето на Истра, за првпат во некој документ е споменат уште во XII век. Интересна е легендата дека џиновите го имаат изградено Хум со камења кои останале од градењето на другите градови во долината на Мирна. Градчето се наоѓа на прекрасно возвишение со убав панорамски видик кон овој дел на Истра. Климата е многу пријатна, медитеранска, со голем број сончеви денови. Инаку Хум има се што може да се најде во еден стар град: градски ѕидини, улици, цркви, кула, гостилница. Всушност градот е ограничен со стари градски бедеми и во него се влегува низ главната метална врата. Има две мали градски улици, а до „крстосницата“ се подигнати две интересни цркви. Самите куќи се во изворен стил и доста стари, некои повеќе од 200 години. Жителите кои се католици, до денес ги одржуваат древните ритуали. Така, во Хум се гласа еднаш годишно и таа можност ја имаат само мажите, додека жените се исклучени од гласањето и кандидирањето за функцијата градоначалник. Гласачите одрежуваат цртка на дрвениот колец „рабош“, а кој кандидат има најмногу цртки, тој ќе биде градоначалник. Хум е многу атрктивен и меѓу туристите. Најголем дел од нив доаѓаат од Германија и Австрија. Во продавниците за сувенири најбарана е „биска“, лековита ракија од имела која се подготвува според рецепт кој е стар и автентичен со векови. Исто така позната е и студената истарска супа од црвено вино, но пред се може да се заклучи дека градот ги воодушевува најголем дел од луѓето со својот неизмерен шарм и изворноста. Без оглед на атрактивноста, во Хум ниту во неговата непосредна близина нема нови градби и сместувачки објекти, со цел да се зачува автентичноста. Заради тоа, туристите доаѓаат на кратки излети и посети од блиските туристички центри, во овој мал и тивок град каде времето застанало.
Подготвил: Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4583 пати!