Во Белград одржана научна конференција за природни непогоди

17.10.2013

Во периодот од 8-11.10.2013 година, во организација на Географскиот институт Јован Цвијиќ, во зградата на САНУ во Белград се одржа меѓународна конференција на тема: „Natural Hazards-Links Between Science and Practice” (Природни непогоди-врска помеѓу науката и практиката). Темата е навистина извонредно погодена, имајќи во предвид колкави штети па и жртви предизвикуваат природните непогоди во последно време, а сето тоа главно како последица на директното или индиректното влијание на човекот.

На конференцијата учествуваа 17 држави претежно од Балканскиот Полуостров, потоа од Британија, Германија, Русија, па дури и од Филипини и Бангладеш. Научниот дел од програмата со презентациите се одвиваше главно на 9-ти и 10-ти октомври (среда и четврток), додека последниот ден беше предвиден за панорамско разгледување на Белград. Вкупно беа изложени 50-тина презентации на интересни теми поврзани со природните непогоди (земјотреси, претерана ерозија, свлечишта, поплави, пожари и др.), нивната се поголема зачестеност и различните пристапи за превенција, контрола и заштита. Присутните ја искажаа и својата загриженост поради недоволната посветеност во превенција на непогодите и справување со идните предизвици, особено оние кои произлегуваат од климатските промени и глобалното затоплување. Се наметна заклучокот и од поголемо вклучување на научниот кадар низ истражувањата за современо ГИС моделирање на потенцијалните непогоди кои загрозуваат одредени подрачја, како и сценарија поврзани со тоа. Во тој смисол беше презентацијата на учесниците од Македонија, кои на примерот на општина Пехчево покажаа како може да се изведе многу прецизно ГИС-моделирање на потенцијалните подрачја под одредени непогоди.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7721 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *