Камените столбови („цуцки“) во „Долината на плодноста“ кај Конопиште

1.05.2012

Земјани пирамиди, земјани столбови, камени кукли и камени столбови се релативно ретки релјефни појави настанати со интензивни процеси на водно-механичка ерозија. За изградување на вакви форми, неопходни се повеќе услови (поволна карпеста и почвена подлога, соодветен терен, погодни климатско-вегетациски и хидрографски карактеристики, понекогаш и одредено влијание на човекот), што всушност е причина зошто се поретки појави. Добро оформени земјани или камени пирамиди имаат височина од неколку метри и карактеристичен изглед со поголем камен блок на врвот (во вид на капа). Особено ретка појава е поголема група, односно локалитет со земјани (камени) пирамиди со повеќе десетици форми. Така, во светски рамки има само неколку позначајни и покарактеристични локалитети со вакви појави, како што се во Кападокија (Турција), во Јужен Тирол (Италија), Ѓавоља Варош во Србија, Побити камени во Бугарија, потоа на некои места во Венецуела, југоисточна Азија и други.

Поради интензивните ерозивни процеси, во Македонија има неколку локалитети каде се јавуваат „групи“ на земјани (камени) пирамиди или столбови. Најзначајна е појавата Кукле кај селото Куклица со околу 150 форми, потоа камените столбови во сливот на Бошава со неколку десетици форми и Кукуљето кај Делчево со 20-30 форми. Помали локалитети со по неколку форми има во долината на Луковичка Река кај с. Косевица, потоа во долината на Петрошница во близина на с. Бајловце, на повеќе локации на планината Манговица, потоа во долината на Пехчевска Река и неколку други локалности.

Куклите во долината на Бошава се формирани на еден поширок простор, главно околу селото Конопиште. До нив се доаѓа по асфалтниот пат кој води од Кавадарци, преку висорамнината Витачево до с. Конопиште, во должина од близу 40 км. Неколку групи на појави се изградени на десната долинска страна на реката, односно на северните падини на планината Кожуф (јужно од Конопиште), а помалку и на левата долинска страна кон висорамнината Витачево (северно од селото). Особено интересни се 20-тина камени столбови во месноста Кањата или Цуцки, на десната страна од реката Бошавица, околу 1 км јужно од с. Конопиште. По својата генеза, изглед и карактеристики, овие форми се слични со куклите во Куклица. Тоа е разбирливо бидејќи и двете појави се настанати во вулкански карпи со сличен состав: андезити, андезитски туфови и бречи. Иако вулканските карпи во Кожуфската област се значително помлади (околу 2 милиони години) во однос на вулканитите кај Куклица (околу 10 милиони години), самите форми имаат слична старост која се движи од неколку илјади до најмногу 20-50 илјади години. „Цуцките“ или камените столбови се високи од неколку метри до околу 15 м, а на врвот обично имаат поголем андезитски карпест блок или камен во вид на „заштитна капа“. Оваа „капа“ поради цврстината ги штити туфовите под неа од еродирање и всушност овозможува формирање на камен столб. Кај некои форми, камениот блок се распаднал или сурнал, по што се забрзала ерозијата на столбот. Но и без тоа, постепено столбовите се еродираат кон основата, се ронат, плакнат и уништуваат. Од друга страна пак, на погодни места каде има сличен геолошки состав со парчиња од цврсти карпи, постепено се изградуваат нови камени столбови или „цуцки“. Секако, овој процес е бавен и трае стотици па и илјадници години. Слични, интересни форми со пеќуркаст изглед, но со помала височина има и по страните на некои долови кои се спуштаат кон Бошавица, но и низводно, особено до с. Горна Бошава.

Инаку, веројатно поради изгледот на столбовите или цуцките, меѓу мештаните порано, но и денес се зборува дека камените столбови им помагаат на оние што не можат да имаат деца. Тие во овој дел на бошавијата се познати како симбол на плодноста, со што се поврзани и двете легенди што се прераскажуваат од колено на колено. „Едната е дека оние што не можат да имаат деца, треба од некоја од многуте фигури да изгребат земја. Таа се става во измолзено млеко од биволица, во кое се додава мед и така се пие”, раскажуваат мештаните. Тие кажуваат дека често се посетувани од луѓе што имаат мака. “Доаѓаат во селото и бараат спас, но не знаеме колкава е делотворната моќ на мистичните столбови”. Според другата легенда, камените фигури зрачат со некоја посебна енергија, па затоа младите сопружници треба да водат љубов покрај нив за да можат Цуцките да им помогнат да зачнат плодот. Заради наведените верувања и легенди, овој дел од долината на Бошава, помеѓу локалното население е познат како „Долина на плодноста“. Поради недостапноста на Кањата, лицата што го бараат лекот за неплодност, најчесто земјата ја собираат од камените фигури кои се во непосредна близина на земјениот пат, кој води од висорамнината над Кавадарци до Конопиште.

Инаку, за разлика од Куклите во Куклица, па и од Кукуљето кај Делчево, „цуцките“ околу Конопиште се многу слабо посетени иако се доста атрактивни. Причина е можеби оддалеченоста од поважните комуникации и од поголемите населби, слабата промоција и информираност, недоволната уреденост и слично. Сепак, доколку имате можност, задолжително посетете ги камените столбови и ќе бидете воодушевени не само од нив, туку и од целокупната, речиси недопрена природа во овој простор, како и од убавините на планината Кожуф.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 9080 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *