Овој викенд не ја пропуштајте појавата на „Супермесечина“!

02.05.2012

Во сабота, на 5-ти мај, Месечината гледана од Земјата ќе изгледа многу поголема од вообичаеното – појава која се нарекува „Супермесечина“. Причина за тоа е што полната Месечина, поради елиптичноста на нејзината патека, овој пат ќе помине покрај Земјата многу поблиску од вообичаеното, на само 356.955 км (во однос на просечните 384.400 км). Заради тоа, саботната полна Месечина ќе изгледа 14% поголема и околу 30% посветла од било која полна Месечина во 2012 година. Воедно, таквата близина ќе предизвика 42% поголема плимска сила.

Големината на полната Месечина варира како последица на елиптичниот облик на нејзината орбита околу Земјата, со еден дел за околу 50.000 км поблиску до Земјата – положба наречена перигеум. Воедно, поради одредени осцилации во „елиптичноста“ на патеката, ова ќе биде и најблизок перигеум за 2012 година. Ваквото приближување, освен оптичкиот ефект, значително ќе ги зголеми и плимските привлечни сили, но реално тоа ќе значи повисока плима за само неколку сантиметри.

За да биде најдобро видлива „Супермесечина“ треба да се набљудува веднаш по изгревањето над хоризонтот (околу 20 часот) или пак пред заоѓање (околу 05 часот), кога е близу до хоризонтот. Поради оптичкиот ефект на атмосферата и на хоризонтот, во таква положба ќе изгледа уште поголема отколку што е реално.

Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Supermoon

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 5595 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *