Македонија се поприсутна на booking.com

30.04.2012

Booking.com е водечка агенција во светот за хотелско-сместувачки онлајн резервации, која секој месец на својата интернет страница привлекува над 30 милиони посетители заинтересирани за туристичките дестинации во светот. Оваа агенција е со седиште во Амстердам (Холандија), а во нејзин состав се десетина канцеларии ширум светот (Амстердам, Хелсинки, Анталија, Атина, Бангкок, Барселона, Берлин и др.). Основана е во 1996 година и поради брзиот раст, денес има над 3500 вработени кои се залагаат да обезбедат квалитетни услуги на клиентите и партнерите на Booking.com.

Инаку, агенцијата е светски препознатлива бидејќи нуди многу едноставен начин за резервација на секаков вид на сместување, од мали независни хотели и вили до луксузни објекти со 5 ѕвездички. Сето тоа се изведува преку нивната веб-страница, која е достапна на 41 јазик и нуди речиси 210.000 хотели во 165 земји. На страницата првин се избира местото каде се бара сместување, терминот за престој и бројот на гости. Потоа се појавува листа на сместувачки објекти, при што може да се изврши „филтрирање“ според категоријата на објектот, цената, видот на собите (број на легла, опременост, поставеност). Така се „стеснува“ листата на сместувачки објекти кои би дошле во предвид. Изборот на сместувањето е олеснето со големиот број на фотографии за самиот објект, собите, околината, потоа податоците за оддалеченоста од центарот на местото, плажите или другите атрактивности, комуникациската поврзаност, можностите за користење на паркинг, интернет, дополнителен кревет, детски кревет и други погодности. Особено добро е што речиси за секој објект има оценки (од 1 до 10 и описно) и коментари од гостите, што во многу може да го олесни вистинскиот избор. Цените главно се доста пристапни, со чести промоции и дисконти, така што понекогаш може да се најдат навистина зачудувачки евтини понуди. Самата резервација се изведува со помош на кредитна картичка, така што првин се избира саканиот објект, а потоа се потврдува со внесување на бројот на кредитната картичка. Постапката е доста сигурна и сосема бесплатна, а сервисот речиси никогаш не повлекува пари од вашата сметка, освен доколку не сте го оствариле сместувањето во резервираниот термин, или пак претходно не сте направиле откажување на резервацијата. По успешно извршената резервација, на вашиот e-mail пристигнува потврдна порака со сите детали околу сместувањето, вклучувајќи и контакт-телефон на сместувачкиот објект.

Во трендот на пораст на таканаречениот е-туризам, booking.com се покажа доста успешен со над 300.000 резервации дневно. Тој е и еден вид на репер за тоа какви се сместувачките објекти и каква е воопшто состојбата со туризмот на некоја дестинација. Во таа смисла, многу охрабрувачки е постојаниот пораст на објекти кои преку booking.com се нудат во Македонија, особено во Скопје и Охрид. Така, до 2005 година немаше речиси ниту еден објект во Македонија достапен на booking.com и воопшто за on-line резервација. Денес, за Охрид се достапни близу 90 сместувачки објекти (главно вили и помали хотели), за Скопје 55 објекти, за Битола 10 и за Маврово 5 објекти. Интересно е што за голем број на сместувачки објекти во Охрид, гостите оставиле добри оценки од 8-9.5, што е доста позитивно за натамошниот развој на туризмот. Генерално пониски просечни оценки има за објектите во Скопје (7-8), иако и тука има добри примери. Сепак, за другите градови и места во Македонија се нудат само 1-2 сместувачки објекти (Прилеп 2, Дојран 2, Тетово 2, Гевгелија 1), или пак воопшто нема на располагање (Куманово, Штип, Кочани и други) што е многу неповолно од туристички аспект. Вкупно за целата држава има 180 хотели и сместувачки објекти достапни за резервација преку booking.com од кои 80% се во Охрид и Скопје. За споредба, во Словенија на booking.com има достапно над 450 сместувачки објекти, во Србија 310, во Бугарија над 1700 (само во Софија околу 160), а од друга страна пак, во Албанија само 40 сместувачки објекти!

Бидејќи голем дел од потенцијалните странски туристи одлучуваат дали и каде ќе престојуваат во Македонија токму следејќи ги агенциите како booking.com или tripadvisor, неопходно е да се зголеми бројот на сместувачките објекти достапни на овие сервиси и да се зголемат оценките што гостите ги даваат за нив по престојот. Воедно, евидентно е дека се повеќе македонски туристи и патници го користат booking.com при посета и патувања не само во странските држави туку и во Македонија.

Извор: http://www.booking.com

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6387 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *