Убавините на Нежилово

30.04.2012

Во подножјето на планинскиот масив Јакупица (Мокра), југоисточно од највисокиот врв Солунска Глава (2540 м), се наоѓа селото Нежилово. Сместено е во долината на реката Бабуна, поточно во нејзиниот изворишен дел, на надморска височина од околу 700 м. Нежилово, заедно со својата поширока околина се одликува со прекрасни природни пејсажи, едни од најубавите во Република Македонија. Особено се интересни огромните карпести отсеци на Јакупица северно од селото, наречени Нежиловски Карпи. Тие се високи повеќе стотици метри и делуваат навистина импресивно. На некои места, по страните на карпите се формирани големи сипари, а впечатлива е и појавата на еден т.н. „карпест глечер“. Во подножјето на Нежиловски Карпи, под врвот Солунска Глава е изворот на реката Бабуна (на 1380 м н.в.), со навистина преубав водопад малку под изворот. Низводно, кристално бистрите води на Бабуна изградиле десетина восхитувачки водопади, а повеќе водопади има и на бројните потоци кои се спуштаат по страмните падини, особено во пролетниот период. Речиси целиот овој простор е покриен со густа дабова, букова и мешана шума, а на некои места се јавуваат ливади и планински пасишта.

Инаку, до Нежилово води релативно добар асфалтен пат. Оддалеченоста од Велес изнесува точно 55 км (околу еден час возење), а од Скопје 110 км. Без оглед на преубавата природа, денес во Нежилово „останале“ само околу 50-тина жители, многу помалку од над 300-те кои тука живееле до пред половина век. Како и да е, селото плени со специфичната рурална архитектура, во која доминираат куќи од камен, претежно изградени на два ката. Една нова „живост“ и поголема посетеност на овој простор донесе неодамна изградениот „Рибник Нежилово“ со современиот сместувачки објект (мотел). Тој располага со 16 соби, 65 кревети, два апартмани, сала за семинари за сто посетители и рибен ресторан. Интересно е што ресторанот е изграден над самата река Бабуна, овозможувајќи прекрасна глетка и уживање.

За планинарите и вљубениците во природата, од селото (кај рибникот) тргнуваат повеќе планинарско-рекреативни патеки кон планинарскиот дом Чеплес (1452 м), изворот на Бабуна и кон највисоките делови на Јакупица. Доста лесна и интересна е патеката, поточно тесниот (не толку добар) макадамски пат кој води кон север во правец на изворот на реката Бабуна, а потоа свртува кон југ до Чеплес, со должина од околу 15 км.  Патеката главно минува низ шумовит терен, покрај неколку потоци и водопади, а на некои места се протега одличен видик кон преубавите пејсажи. Пократка, но пострмна патека се искачува веднаш над рибникот кон запад, па за околу 2 часа може да се пристигне до Чеплес, а понатаму до Солунска Глава или некој друг интересен локалитет. Неколку патеки водат и кон врвовите на исток од селото, поминувајќи покрај  огромни форми настанати со распаѓање на карпите.

Прекрасните пејсажи, чистиот и свеж воздух, густите шуми, кристално бистрите рекички и потоци со кои е пребогато Нежилово и овој јужен дел од планинскиот масив Јакупица (Мокра) претставува особено и неповторливо доживување кое долго се памети.

Автор: д-р Ивица Милевски 

 

Оваа статија е прочитана 17013 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *