10-те најкатастрофални вулкански ерупции во поновата историја

24.04.2012

Вулканските ерупции често се фасцинантни глетки, но понекогаш и навистина застрашувачки. Иако најголем дел од ерупциите се релативно мирни и со мали штети по населението и нивните имоти, сепак во последните 2000 години се забележани десетина навистина катастрофални ерупции со повеќе од 3000 жртви. Тие се:


1. Тамбора

Тамбора е вулкан кој што се наоѓа на Самбава, еден од малите Сундски острови во Индонезија. Ерупцијата на Тамбора во 1815 година била најсилната ерупција забележана во поновата историја на Земјата. Во текот на ерупцијата бил исфрлен вулкански материјал од 150 кмкубни, а при тоа се создала калдера широка 6 км и длабока 1250 м. Пирокластичните маси усмртиле 92 000 луѓе. Исфрлањето на енормни количини прав и гасови во атмосферата, предизвикало краткотрајни глобални климатски промени.   

2. Каракатау

Каракатау е вулкански остров кој се наоѓа помеѓу Јава и Суматра во Индонезија. Ерупцијата на овој вулкан во 1883 година е една од најексплозивните во поновата историја. Громогласната експлозја била слушната дури до Филипините. Пепелта од експлозијата паднала на површина од 800.000  км кв. Оваа историска екслозија создала и цунами од кој што загинале 36.417 луѓе на блиските острови.

3. Мон Пеле

Монт Пеле се наоѓа на островот Мартиник. Овој вулкан во 1902 година ја имал својата најголема ерупција, која воедно е една од најсмртните ерупции во историјата при која загинале 29 025 луѓе и биле уништени огромен број имоти.

4. Невадо Дел Руиз

Невадо Дел Руиз е дел од вулканскиот појас на Андите во Колумбија. Неговата ерупција во 1985 година преставува една од најстрашните и најкатастрофалните, при која животот го загубиле 25 000 луѓе. Инаку, овој вулкан има височина од околу 5400 метри.

5. Унзен

Унзен преставува активна вулканска група од неколку стратовулкани кои се наогаат во Шимабара источно од  Нагасаки во Јапонија. Овој вулкан е еден од најсмртоносните вулкани, каде што од неколкуте кратери се излеала голема количина лава. По ова следувало и цунами со што имало дури 14 300 човечки жртви. Ова е најголемата катастрофа во Јапонија од вулкански карактер.

6. Лаки

Лаки преставува вулканска пукнатина која се наога на Исланд и која создала страшна вулканска ерупција, можеби една од најкатастрофалните во поновата Земјина историја. Ерупцијата траела 8 месеци во период од 1783-1784 година и довела до 9350 човечки жртви само на Исланд, а се претпоставува дека директно или индиректно, на глобално ниво загинале повеќе од 2 милиони луѓе. Тоа од причина што глобалната температура драстично опаднала поради сулфурниот диоксид раширен низ северната хемисфера, што пак предизвикало неуспешни жетви низ Европа, суша во Индија и глад во Јапонија.

7. Клеуд

Клеуд е вулкан кој што се наоѓа на островот Јава, Индонезија. За овој вулкан има податоци дека ерупштирал повеќе од 30 пати од кој сите биле големи ерупции. Ерупцијата во 1919 година е неговата најкатастрофална ерупција кога загинале 5110 лица. Познат е по повеќе различни имиња како што се Клут, Клет и Келут.

8. Галунгунг

Галунгунг е активен стратовулкан во Западна Јава, Индонезија. Ерупцијата која ја имал во 1882 година предизвикала 4011 човечки жртви и многу уништени села. Поради тоа, ерупцијата на овој вулкан е категоризиран во 10-те најкатастрофални.

9.  Везув во 1631 година

Везув е активен вулкан кој се наоѓа 12 км источно од Неапол, во југозападна Италија. Везув често ги повторува своите ерипции. Во 1631 година имал катастрофална ерупција која предизвикала 3500 човечки жртви, при што сите околни населби биле уништени. И покрај многубројните ерупции населените места во подножјето на Везув, денес се густо населени.

10.  Везув во 79  година

Везув исто така е познат по ерупцијата во 79-та година кога целосно биле уништени Помпеја и Херкуланум. Повекето жртви загинале ненадејно, од загушување при надоаѓањето на густите пирокластични облаци со висока температура. Оваа ерупција однела 3360 човечки животи. Археолошките ископувања обезбедиле значајни историски подтоци за ерупцијата.

Извори:

http://geology-plate-tectonics.knoji.com/worlds-largest-and-deadliest-volcanic-eruptions-in-history/
http://www.ouramazingplanet.com/1436-volcanoes-biggest-history.html
Боев Б. (2006) Општа геологија со петрографија, Геомап, Скопје

Автори: д-р Ивица Милевски и Кристијан Ристовски, студент на Институтот за географија

Оваа статија е прочитана 7953 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *