Кукуљето – втора Куклица во Република Македонија

27.11.2011

Покрај познатите земјани пирамиди во Куклица, сличнa и доста интереснa појава постои јужно од Делчево, поточно кај селото Нов Истевник. Овој локалитет меѓу локалното население е познат под името Кукуље заради формите кои наликуваат на скаменети човечки фигури или камени кукли. Локалитетот, сообраќајно е поврзан преку регионалниот пат Делчево-Берово, при што кај с. нов Истевник се скршнува на запад и по тесен асфалтен пат долг 1 километар се стигнува до самото село. Натаму се продолжува малку пеш, искачувајќи се 20-тина минути или 1,5 км кон југ, по слабо обележана патека. Некаде на околу 850 метри надморска височина, во шумата ќе здогледаме (секако доколку се внимава:) импозантен отсек длабок 60-тина метри, со карактеристични форми на камени кукли во него. Пред нас всушност се отвора Кукуљето!

Овде, на должина од околу 200 m (во правец сси-јјз) и широчина од 30-50 m, во подножје на поголем природен мел, се изградени 50-тина земјани пирамиди со височина до 15 m. Најистурените и најстари пирамиди, што се наоѓаат поблиску до долинското дно на Истевнички Поток, веќе се сосема оформени. Над нив се помлади пирамиди, сеуште поврзани со седиментни гребени со кои заедно градат сложени форми што наликуваат на замоци и куполи. Уште повисоко, долинската страна е испресечена со повеќе паралелни, длабоки ерозивни долчиња, раздвоени со гребени од неогени песоци и глини. Овие гребени, со ерозија и плакнење од атмосферски врнежи, постепено се истенчуваат, прекинуваат и добиваат изглед на земјани пирамиди. Така, процесот се поместува нагоре по падините, што значи создавањето на пирамидите е активно и денес.

Инаку, изградувањето на земјаните пирамиди во Кукуље е тесно поврзано со генезата на ерозивниот мел, во чие подножје се формираат. Во тој процес кој отпочнал пред неколку илјади години, големо влијание имал антропогениот фактор со уништување на природната вегетација, како и длабокото всекување на Истевнички Поток во моќните седиментни слоеви. За разлика од Куклица каде андезитските блокови ги штитат туфовите под себе од ерозија, овде улогата на заштитна капа, ја има поцврстиот тенок глинест слој и жбунестите или дрвенести растенија со својот коренов систем. Тие ги штитат од ерозија меките песоци и песочници под нив, со што постепено во релјефот се појавуваат столбчиња или кукли.

Кукуљето е многу интересна релјефна појава, втора по важност од овој вид во Република Македонија. Локалното население се гордее и им се восхитува на куклите, а во последно време им се восхитуваат бројни посетители од нашата држава па и пошироко. Во 2008-ма година, локалитетот е уреден и заграден од безбедносни причини. Направени се неколку видиковци и патеки, па слободно може да се ужива во Кукуљето, да се фотографираат и набљудуваат куклите стари стотици години. Воедно, може да се одмори на поставените дрвени клупи и да се проба некој локален пикник-специјалитет, секако водејќи сметка да ја оставиме природата чиста каква што била пред да дојдеме!

Автор на текстот и на фотографиите: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 12990 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *