Викенд предлог: Скопска Црна Гора

25.11.2011.

Скопска Црна Гора е средно висока планина, која се протега помеѓу Кумановската котлина на исток, Скопската котлина на југ и реката Лепенец на запад. На север, помал дел од неа продолжува кон Косово и кон Србија. Планината е карактеристична по долгите планински била и ограноци, заоблени и делумно каменливи врвови со повеќе длабоки долини помеѓу нив. Највисок врв на Скопска Црна Гора е Рамно со 1651 м височина. Врвот се наоѓа речиси во средишниот дел од планината, над селото Брест. Името Рамно е затоа што врвот навистина е доста зарамнет и пристапен, посебно ако се доаѓа од западна страна. Останатите страни се доста стрмни и директно паѓаат во долината на Бештанска Река на југ и Гошинска Река на север. Од Рамно се протега прекрасен видик кон источниот дел на планината и кон Кумановско Поле. Освен Рамно, повисоки врвови се и Свињски Камен над манастирот Матејче со 1628 метри, потоа Црвени Камен над с. Стрима со 1608 метри, прекрасниот врв Кепи Вдорис со 1537 метри. Со длабоката и изразита долина на Липковска Река, Скопска Црна Гора е поделена на западен повисок дел и источен дел кој се нарекува Карадак. Инаку, долината на Липковска со Камена Река е многу интересна, стрмна, на некои места карпеста, а кај с. Гошинце со прекрасен кањонест изглед. Покрај неа, интересни се уште и долините на Отљанска и Матејачка Река, чии страни се исто така стрмни. На некои места има и појава на скарстени варовници и мермери, особено источно од с. Липково, с. Думановце и кај с. Гошинце, каде има и мала пештера.
Климата на Скопска Црна Гора е пријатна, особено во летниот дел на годината, со чист и свеж воздух, кога температура е за неколку степени пониска од онаа во Скопско или Кумановско. Затоа е погодна за летен излетнички и боравишен туризам, кога во градовите Скопје и Куманово температурите се многу високи. Зимите пак се студени, со врнежи од снег во повисоките делови кои се задржуваат 2-3 месеци. Интересно е што во зимскиот дел од годината, особено кога по котлините има магли, високо на Скопска Црна Гора може да биде за некој степен потопло и сончево.
Планината се одликува со голем број извори со мала издашност, студена и освежителна вода за пиење, а дел од изворите имаат минерален карактер. Растителниот свет е разновиден, со доминација на дабово-букови и костенови шуми, кои се доста деградирани од страна на човекот. Од дивеч се застапени волци, диви свињи, лисици, разни видови на птици и др. Планината дава услови за рекреативно планинарење, панорамско набљудување, рехабилитација, игри и забава на снег, излетничка рекреација, параглајдинг и др.

Што и како да се посети

Скопска Црна Гора, според туристичко-географската положба и орографските карактеристики, прошарана со многу живописни долини и водотеци, буен растителен и животински свет, благопријатна клима, богата со селски населби што како венец се наредени едно до друго со автентична традиционална архитектура, убаво обработени лозја, овоштарници, ливади и бавчи, многубројни бачила и воденици, покрај кои се изградени нови и модерни станбени објекти, претставува простор што заслужува внимание. Според бројот на црквите и манастирите од кои некои имаат огромно значење и вредност, многумина оваа планина ја нарекуваат Света Гора, а различните етникуми, ја отсликуваат целата мултиетничка и мултикултурна Македонија.

Планината, сообраќајно е добро поврзана преку с. Кучевиште, а релативно добриот асфалтен пат се искачува до највисоките делови, нудејќи прекрасни панорамски глетки кон Скопско. Од центарот на Скопје, преку Кучевиште, Побожје, Бродец до Рамно, има околу 30-тина километри и висинска разлика од 1000-1300 метри и еден час релаксирано возење. На ваков начин може да се направи убава неколкучасовна прошетка со пешачење низ чистите и незагадени планински делови, а свежиот и пријатен воздух, сончевото време далеку од маглите во подножјето, попатните извори, видно ќе го обноват организмот во овие тмурни есенски денови. Интересна авантура е и преку патот кој навлегува од с. Липково кон браната Глажња. Овде асфалтот е до Липковското Езеро, а потоа продолжува макадам. Покрај патот во клисурата има повеќе модерни ресторани и места за фотографирање на природата.

Па време е за викенд прошетка до Скопска Црна Гора – и верувајте, ќе се вратите воодушевени!!!

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 25105 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *