Во последните 2-3 години, во медиумите и на социјалните мрежи се појавуваат натписи и фотографии од „торнада“ во Македонија. Всушност, станува збор за тромба или пијавица, кои како резултат на климатските промени, сè повеќе зачестуваат и кај нас.
Тромба или пијавицата е вид на слабо торнадо, а се формира на сличен начин како вистинските големи торнада. Тоа е силен вртлог на воздух во форма на стебло или инка. Од долните делови на облакот, вртлогот се спушта кон земјата речиси вертикално или косо. Пијавиците обично се појавуваат за време на силна конвекција во лето. Нивниот дијаметар е од 5 до 100 метри, брзината на ветерот до 80 km/h, а појавата обично трае од 5 до 20 минути. Претходното значи дека се многу послаби и помалку разорни од вистинските торнада.
Инаку, зборот тромба доаѓа од италијанскиот јазик и значи воден столб. Најчесто се јавуваат на Јадранско Море, каде вакви појави биле забележани пред повеќе векови. Денес, се појавуваат и на другите мориња во Европа, обично над површината на морето, па затоа се состојат од капки вода издигнати од морето или од кондензирани капки од облаци. Погодни услови за појава на тромба се при навлегување на ладен воздух од континенталниот дел, преку топлата морска површина. Оваа појава, наречена и мало или микро-торнадо, од водена површина може да сврти кон копно, каде брзо исчезнува, но поради својата голема разорна моќ, урива покриви, крши гранки и корне дрвја, а понекогаш дури и поместува автомобили.
Денес, тромба се јавува сè почесто на копно и на места каде што никогаш порано не се појавиле, како во Славонија, Војводина, Унгарија, Германија и др. Последните години (2020-2022), летни „пијавици“ се појавуваат и во поголемите рамничарско-ридски предели на Македонија (Тиквеш, Овче Поле, Гевгелиско и др.). Тромбите или пијавиците формирани на копно (копнена пијавица), содржат прашина и ситен песок. Појавата на тромб често е придружена со громови. Важно е да се напомене дека понекогаш, појавата на „торнадо“ може всушност да претставува дождовен столб (или дождовна бомба), или пак воздушен микро-излив (microburst) бидејќи гледани од далеку се доста слични, особено ако се нема доволно познавање за двете појави.
Поради глобалното затоплување, климатските промени и промените во интензитетот на циклонските активности над Европа, во идните децении треба да се очекуваат се почести појави на тромби, пијавици, мали торнада и микро-изливи (microbursts). Воедно, нивната жестокост и разорна моќ ќе се зголемуваат (приближувајќи се до ниво на „вистински торнада“), а со тоа и потенцијалните штети што можат да ги предизвикаат. Формирањето на копнена тромба или пијавица, главно зависи од метеоролошките, хидрографските и топографските услови. Во таа смисла, во Македонија, истите би може да се појават главно помеѓу месеците мај и октомври, во рамничарските предели на средното и долното Повардарие, Струмичка Котлина, Пелагонија и над Преспанско и Охридско Езеро (како водни пијавици).
Автор: д-р Ивица Милевски