Кое време е посоодветно за територијата на Република Македонија – „зимското“ или „летното“?

19.10.2018

Примената на „летно време“ низ светот и во Европа трае повеќе од половина век, а во Македонија истото започна од 1983 година, во рамките на тогашна Југославија. Во меѓувреме, голем број држави се откажаа или се на пат да се откажат од указни промени на времето, а таква одлука донесе и Европската Унија (со примена од наредната година). Сосема сигурно е дека и Република Македонија ќе престане административната промена на времето, но прашање е кое време (зимско или летно) е најприкладно за овој нас?

Одговорот на оваа прашање воопшто не е едноставен. Тоа од причина што самата географска положба на Македонија е специфична – на граница помеѓу средноевропската и источноевропската часовна зона (иако околу 90% од територијата е во средноевропската зона). Средните меридијани на секоја зона во Европа се нултиот или Гринички (западноевропско време), 15-тиот на средноевропско време и 30-тиот на источноевропско време. Државите кои лежат токму на овие средни зонски меридијани, имаат најприродно време, кое е најблиску до вистинското или астрономски реално време. Така, во средноевропската часовна зона, најреално време имаат Словенија, Хрватска, Австрија, Чешка, Германија, Шведска, Италија и сл. Колку се оди кон западната или источната граница на секоја зона (кон 7.5°, 22,5° и 37,5°), толку отстапувањата од „реалното“ време на средниот меридијан се поголеми (од причина што секоја часовна зона има 15 степени, а целата Земјина топка е поделена на 24 часовни зони). Бидејќи територијата на Македонија е околу 6-7 степени на исток од средниот меридијан, отстапувањето од реалното (локално, месно или астрономско) е околу +20-30 минути. Тоа значи дека ако по зонско време е 16 часот, реалното или астрономско време кај нас е од 16.23 минути во Дебар, до 16.31 минута во Пехчево. Во пракса тоа значи дека кај нас, според зонското нормално време, се разденува и се стемнува околу половина час порано отколку во Словенија на пример, или речиси цел час порано отколку во Франција, иако сме во иста часовна зона. Или пак, во декември, кај нас се стемнува во околу 16.30 часот, во Словенија околу 17.00 часот, а во Франција околу 17.30 часот (сите 3 држави се во иста часовна зона).

Заради таквата положба на Македонија, постојано се поставува прашање дали треба да сме во средноевропската или источноевропската часовна зона, иако како што нагласивме, сепак значително поголем дел од државата географски лежи во средноевропската зона. Доколку пак се префрлиме во источноевропска часовна зона, во јуни кај нас ќе се стемнува околу 21 часот, а во декември околу 17.45 часот, што повторно е значително отстапување од реалното или астрономско време (според кое во јуни треба да се стемнува околу 20 часот, а во декември околу 17 часот).

Согласно укинувањето на промена на времето, ако како целогодишно го прифатиме зимското или нормално средноевропско време, во летните месеци, Сонцето над Македонија ќе изгрева околу 5.00-5.30 часот наутро, а ќе заоѓа најдоцна до 19.00-19.30 часот. Во зимскиот период пак, според истото време, Сонцето изгрева околу 7 часот, а најрано заоѓа околу 16.30 часот. Имајќи го во предвид просечното „административно“ работното време кое кај нас е од 8-16 часот, излегува дека со користење на зимско време, во летните утра, „непотребно“ ќе се изгубат 2-3 часа од дневната светлина (помеѓу 5 и 8 часот) во спиење или долга подготовка за работа. Воедно, релативно кратка дневна светлина ќе имаме по завршувањето на работното време, односно од 16 до 19 часот (само 3 часа). Во зимскиот период пак, според зимското време на работа се заминува околу еден час по разденување (повторно непотребно се „губи“ дел од денот), но се враќаме во квечерина или речиси во мрак. Значи во двата периоди, по завршување на работното време, останува сосема малку дневна светлина, што неповолно влијае на современиот биоритам.

Доколку пак прифатиме перманентно летно време, според кое се разденува и стемнува еден час подоцна (во лето денот трае помеѓу 6 и 20 часот, а во зима помеѓу 8 и 17.30 часот), по завршување на работното време ќе ни останува еден час повеќе дневна светлина. Тоа е поблиску до нашиот современ биоритам и начин на живот, односно дополнителна можност за довршување на некои обврски и активности за кои е потребна природна светлина (вработени и ученици во попладневните смени, семејни активности, попладневна рекреација и др.). Сепак, ако Македонија го прифати летното време, а соседните држави Грција и Бугарија го задржат зимското време (што е најверојатно), практично ќе бидеме во истата часовна зона со нив: како да сме ја промениле часовната зона од средноевропска во источноевропска.

Претходното значи дека ниту едната (зимско време) ниту другата (летно време) не ни одговараат потполно, зарди како што беше нагласено граничната зонска поставеност на Македонија. Сепак, согласно современиот биоритам, начин на живот и нашите потреби, најсоодветни се 2 решенија: перманентно користење на зимско време, но со поместување на работното време за еден час порано (од сегашните 8-16 часот, на 7-15 часот) или префрлање на перманентно летно време (со кое најверојатно би биле во иста часовна зона со Бугарија и Грција). Изборот не е едноставен и затоа треба да се направи со подетални социолошки, економски и други анализи, но и во консултации со соседните држави од истата зона (Србија, Косово, Албанија), потоа оние од источноевропската зона (Бугарија и Грција), но и согледувајќи го пристапот во Европската Унија.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7003 пати!

One thought on “Кое време е посоодветно за територијата на Република Македонија – „зимското“ или „летното“?

  1. Овака значи, ако се воведе целогодишно зимско “природно” сметање на времето т.е УТЦ+1 , на 20 јуни на летна долгоденица сонцето ќе изгрева во 3:20, a веќе во 4:00 наутро ќе биде силно светнат ден (премногу рано и нема никаква логика), додека пак навечер сонцето ќе заоѓа прилично рано уште во 19:10 и веќе во 19:45 ќе биде темница, а периодот од 20 Април до 20 Август константо ќе биде силно светнат ден уште во 4:30 часот наутро што исто така е прерано и нема никаква логика. Такада , мое мислење е доколку се укине сезонската промена на саатот, тогаш најпаметно ќе биде да останеме на летно сметање на времето т.е УТЦ+2 .
    Доколку не се укине сезонската промена, тогаш не би било лошо Македонија уште еднаш да размисли за промена на часовната зона…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *