26.08.2018
Во географската литература, обично како најисточна точка на Република Македонија се наведува врвот Ченгино Кале (или Калето) на Малешевските Планини, на самата граница со Република Бугарија. Како височина за овој врв, се смета котата од 1745 метри, што пак е погрешно, бидејќи истата е 160 метри северозападно од врвот. Вистинскиот врв е кај самиот граничен камен бр. 48 и неговата височина овде изнесува 1752 метри според топографската карта 1 : 25.000 на АКН, или 1754 метри според прецизните ГПС и сателитско-интерферометриски мерења. Географската должина на овој врв и на граничниот камен изнесува 23°02’17,8″.
Сепак, во северен правец, границата со Бугарија скршнува уште 95 метри кон исток. Во таа смисла, реалната најисточна точка во Република Македонија е местото викано Ровови, 220 метри североисточно од врвот Ченгино Кале, со географска должина од 23°02’21,7″ и надморска височина од 1744 метри. Интересно е што граничната линија на овој простор, во должина од 12 метри поминува преку мало природно езерце со мошне интересен начин на постанок. Езерцето е со меридијански правец, во должина од 40 метри, површина од 310 метри квадратни и длабочина до 0,7 метри.
Тоа всушност е единственото езеро преку кое монува Македонско-Бугарската граница. Значи, доколку се земе во детали, најисточната точка во Република Македонија е за 95 метри поисточно од врвот Ченгино Кале, а на исток од овој врв се наоѓа површина од нашата држава од 15.365 метри квадратни, што воопшто не е за занемарување. Од друга страна, Ченгино Кале може да се наведе во поширок контекст како најисточна месност, но никако како најисточна точка.
Автор: д-р Ивица Милевски
Забелешка: Изразувам голема благодарност до г-дин Милан од с.Смојмирово, кој како добар познавач на овој простор и вљубеник во природата ми даде драгоцени податоци за Ченгино Кале и целиот околен простор.
Оваа статија е прочитана 8406 пати!