Царев Врв има најдобри природни услови за развој на зимско-спортскиот туризам во источниот дел на Македонија

29.12.2014

Царев ВрвИсточниот дел на Република Македонија, последните години станува се попривлечен за посета на туристи. Во таа смисла, посебно се издвојуваат локалитетите Беровско Езеро, Суви Лаки, Пониква, Беласица и други. Во наведените, но и други локалитети има доста добри можности за престој и прошетка во природа, трекинг, планински велосипедизам, спа-туризам и слично. Пониква пак, долг период е позната како центар за зимско-спортски туризам во источниот дел на државата. Сепак, поради надморската височина, таа одговара за посета во текот на целата година, додека скијалишната сезона може да трае најмногу 1-2 месеци.

Од аспект на зимско-спортскиот туризам, најповолни услови за развој во источниот дел на државата има високопланинскиот предел на Осогово над 1800 m надморска височина, помеѓу Царев Врв (со Калин Камен и Китка) и Руен. Површината на овој предел изнесува 15,5 км кв., а над 1900 м лежат 5,2 км кв. Двата врва и билата се заоблени, пространи и доминантни. Овде има бројни интересни релјефни појави како резултат на ниските температури и покриеноста со снег во зимската половина од годината. Тоа се снежнички циркови, мориња од распаднати карпи, камени блокови што се лизгаат, мразни јазици и др. Поради височината, температурите овде се ниски (просечната годишна е околу 4-5°С), врнежите пообилни (700-900 mm годишно) и во зимскиот дел од годината во вид на снег. Снегот често се задржува од декември до април, особено на североисточната страна (кон изворишниот дел на Каменичка Река и Крива Река).

KalinБидејќи се наоѓаат во најатрактивниот, централен и висок дел на Осоговските Планини, истите се меѓу најзначајните туристички потенцијали на планината. За нив постои голем интерес за посета во текот на целата година, а со оглед на пространоста имаат голем прифатен капацитет. Воедно имаат добра туристичка положба, бидејќи се помеѓу 2 значајни магистрални патишта и во близина до асфалтни патишта (с. Саса, с.Цера). Одлични и пространи високопланински терени има од Царев Врв кон околните била, каде може да се постават повеќе скијачки патеки и други содржини. Од технички аспект, првин треба да се изгради соодветна инфраструктура, пристап, локации и др. Потоа неопходно е да се оформат и подготват скијачки стази, стази за сноуборд, санкање и други зимско-спортски активности. Според деталните анализи, овде можат да се постават десетина скијачки стази со вкупна должина од околу 24 km и просечна денивелација од 300-500 m. Во делот кој припаѓа на Источниот регион, препорачливо е да се обезбедат сместувачки капацитети над с. Горна Цера или над с. Саса, со што туристите би се привлекле и задржале повеќе од еден ден. Од с.Саса (750 m) може да се обезбеди лесен пристап до билото Китка (1850 m) и до скијачките патеки јужно од Царев Врв со жичарница (гондола) долга 6 km. Со тоа би се скратил патот до Македонска Каменица и тоа од 27 km преку с.Горна Цера на само 15 km со гондолата. Во однос на комплементарното сместување, со информирање и поттикнување на локалното население, во функција треба да се стават соодветно опремените викендички и куќи во с. Цера и с.Саса, како и становите Kalin Ez(куќите) во Македонска Каменица. Едновремено треба да се преземат активности за привлекување на инвеститори за изградба на модерен планинарски дом, а по можност и на хотелско-угостителски објекти на соодветни погодни локации над с.Горна Цера и на Китка. Понатаму, неопходно е изготвување на туристички карти, патокази и водичи до наведените и останатите интересни локалитети во областа. Треба да се обезбедат водичи за просторот од соодветно оспособени луѓе. Долгорочна цел е локалноста Калин Камен-Царев Врв-Горна Цера да прерасне во зимско-спортски центар од национално значење, со скијачки стази, стази за санкање, жичари, хотелско-сместувачки капацитети, придружни содржини и слично.

На другите локалности на Осоговските Планини и на останатите планини во источниот дел на Македонија, можностите за типичен зимско-спортски туризам и активности на снег се многу помали, посебно ако се земат во предвид веќе јасните ефекти од глобалното затоплување. Тоа од едноставна причина што височините на Пониква, Голак, Беровско Езеро, Плачковица се дури 300-500 m пониски, температурите се повисоки, а снегот се задржува 1-1,5 месеци пократко и е со послаб квалитет. Во таа смисла, Беровско Езеро, Голак, Плачковица, па донекаде и Пониква, немаат можности да се развијат во големи зимско спортски скијалишни центри, бидејќи едноставно природните услови не го дозволуваат тоа. Вештачкото одржување на снегот надвор од природната сезона која овде трае околу 2-3 месеци е скапо, нерационално и неефективно, а должината на постоечките и нови скијачки, сноуборд и други патеки, како и нивната денивелација се мали. Во таа смисла, наместо типичен скијалишен туризам, наведените локалности треба да имаат нагласена рекреативна, велнес, па дури и спа функција, како и да претставуваат all year ресорти со содржини за сите годишни времиња.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6907 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *