5.11.2014
Деновиве, во разни медиуми се појавија шпекулации дека претстојната зима 2014-2015 ќе биде многу студена, па дури и најстудена во последните 100 години. Тоа од многумина беше сфатено сериозно, а меѓу населението се појави и одредена загриженост. Меѓутоа, колку има вистина во ваквите пишувања? Пред да дадеме еден краток осврт, да напоменеме дека во денешно време, речиси секој може да даде некаква временска „прогноза“, особено долгорочна, затоа што очекувано е нејзината точност да биде релативно мала. Климата и времето географски и временски се многу променлива категорија, не само на глобално ниво, туку и во рамките на Европа (која и не е така голем континент), па дури и на Балканскиот Полуостров. Така, сезоните на континентот некаде се значително потопли, а во други делови значително постудени од очекуваното или предвидуваното. Во Светот, само неколку големи и моќни континентални институции се „осудуваат“ да дадат подолгорочни прогнози, бидејќи располагаат со огромни научни бази и суперкомпјутери што обработуваат милијарди податоци дневно. Овие центри соработуваат со регионалните, а на Балканот, најголем центар за среднорочни и долгорочни прогнози е SEEVCCC, под надлежност на Српскиот Хидрометеоролошки Завод (воедно регионален центар за климатски промени). Во Европски рамки, најчесто сезонската прогноза ја издава ECMWF – Европскиот центар за среднорочна прогноза. Годинава и двата центри се согласуваат во поглед на прогнозата дека зимата ни од далеку нема да биде “најстудена”. Според двата центри, се прогнозира дека зимата која е пред нас ќе биде околу 1-2 степени Целзиусови потопла во однос на стандардниот период 1961-1990, а просечна во поглед на врнежите. Врз основа на што се извлечени ваквите прогнози од двете институции? Првин, постои еден принцип на т.н. краткорочна климатска рамнотежа, според кој, доколку летниот дел од годината бил релативно постуден (а таква беше речиси цела 2014 година), зимскиот дел ќе биде просечно или подпросечно студен, со што на неколкугодишен рок се постигнува одреден климатски баланс. Секако, тоа е во услови на ненарушени регионални или глобални климатски фактори, а такви нарушувања во минатата година немаше. Второ, одредени аномалии во климата се очекуваат со почетокот на феноменот Ел Нињо, кој најверојатно ќе започне во следните неколку месеци. Меѓутоа, ефектите од него на Балканот, во индиректна форма ќе се почуствуваат дури од летниот период 2015 година, со тоа што летото би требало да биде нешто потопло од просекот. Трето, синоптиката и прогнозирањето на времето, без оглед што многу напреднаа во последните децении, сепак сеуште не се на ниво да даваат точни прогнози за неколку месеци или години нанапред. Ако до пред 2-3 децении важеше правилото дека за секој нареден ден во низа, точноста на прогнозата опаѓа за 20-25%, денес тоа е во рангот на околу 10%. Тоа значи дека практично прогнозите подолги од 5-6 дена се со точност од само 50% или доста несигурни. Четврто, постојат разни шпекулации за експериментални модификации на климата од разни моќни светски институции (таква можност за човечка манипулација со времето навистина постои и е остварлива), што уште повеќе ја зголемува локалната непредвидливост на прогнозата.
Едно е сосема сигурно. Земајќи ги во предвид сите расположиви информации и податоци, претстојната зима во Македонија ќе биде сосема просечна во однос на претходните, со тенденција да биде дури и нешто „поблага“, односно потопла.
Извори: http://meteopro.mk/?p=5&i=idt-961
http://theweathercentre.blogspot.com/2014/10/europe-2014-2015-winter-forecast_12.html
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5549 пати!