Картата на НАСА покажува: речиси постојано сме „бомбардирани“ со помали астероиди

18.11.2014

Според тимот на НАСА вклучен во програмата за детекција на потенцијално опасни небесни тела во близина на Земјата, во изминатите 20 години (од 1994 до 2013 година) во Земјината атмосфера влетале најмалку 556 астероиди. Повеќето „удари“ не оставиле никакви последици, што значи дека атмосферата одлично нѐ штити од помалите астероиди. Исклучок е настанот во руски Чељабинск, кога метеор повреди над 1.000 луѓе и искрши голем број прозорци. Сепак и таа штета не беше голема, ако имаме во предвид каков крш може зад себе да остави поголем метеор. Речиси секојдневно во атмосферата навлегуваат и согоруваат милиони мали (милиметарски) метеори, за кои велиме дека се „ѕвезди кои паѓаат“. Ударите пак на нешто поголеми (метарски) астероиди се многу поретки, а на оние поголеми од 10-50 м, кои се потенцијално опасни, се појавуваат еднаш на 50-100 години. Објект со пречник од 50-100 м, во Земјата удира во просек еднаш на секои 5.000 години, додека објект со пречник поголем од 1 км или доволно голем да предизвика регионална до глобална катастрофа удира еднаш на неколку милиони години. Затоа, сосема разумен пристап е пронаоѓање на потенцијално опасните астероиди пред тие да ни се приближат. Програмата на НАСА има собрано податоци за над 90% од опасните астероиди со димензии поголеми од 1 км, меѓутоа познати се само неколку проценти од астероидите со големина помеѓу 50 м и 1 км, а кои исто така можат да предизвикаат страшни последици.

Asteroidi

 

За таа цел, тимот на НАСА изработи карта на зачестеност од удар на астероиди. На картата се прикажани регистрираните сјајни метеори за 20-годишниот период од 1994 до 2013 година. Овие појави, доколку се изразито сјајни, а понекогаш проследени и со звучен ефект, се нарекуваат болиди. На картата, големината на точките соодветствува со привидната сјајност на забележаната појава која била забележана преку ден (жолта боја) или преку ноќ (сина боја). Се проценува дека големината на астероидите т.е. метеорите што ги предизвикале овие појави е помеѓу 1 и 20 метри. За среќа, Балканот, а во тие рамки и подрачјето на Република Македонија не се многу „омилени свратишта“ на астероидите, барем за наведениот период.

За тоа колкава е можноста од удар на опасен астероид во Земјата, можете да прочитате овде.

Извор: http://www.huffingtonpost.com/2014/11/17/

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 3771 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *