4.11.2014
Неодамна, вниманието на светските медиуми беше насочено кон големите кругови изработени од човечка рака и распослани главно по централно-западните делови на Јордан. Станува збор за 12-те кругови кои претставуваат мистерија за археолозите. Познати под името Големите кругови (Big Circles), кружните структури може да се видат од сателит и од авион, а се изградени од правилно натрупани камења и блокови. Пречникот на круговите се движи од 220 до 455 м и за прв пат биле забележани уште во 20-тите години на минатиот век. Во 2002 година, ист таков круг е откриен и во Сирија. Повеќето кругови се добро сочувани, други се речиси целосно уништени, а низ некои пак минуваат асфалтни и земјени патишта. Се претпоставува дека круговите се направени уште пред 2000 години, но може да се и постари, односно праисториски. Некои од круговите се толку прецизно изработени што укажува на тоа дека за нивната изработка биле потребни поголем број луѓе. Се верува дека се поставувани со помош на јаже кое било заврзано во центарот на кругот и потоа врз основа на исто растојание се поставувале камењата. Сепак и покрај ова објаснување, едно прашање се уште не е одговорено – што била вистинската цел на овие огромни структури? Една од претпоставките е дека тоа се примитивни трла. Научниците тврдат дека овие ѕидови можат да зачуваат група на животни во едно место, иако останува нејасно зошто оние кои го имаат изградено ова трло за стоката инсистирале на совршена кружна форма. Следната цел на археолозите е да извршат ископувања на местата каде што се лоцирани круговите со цел подобро да ја анализираат конструкцијата и целата на нивното поставување.
Извор: http://www.dailymail.co.uk/
Оваа статија е прочитана 3958 пати!