2.02.2012
Деновиве, познатата меѓународна издавачка куќа Springer ја публикува монографијата Recent Landform Evolution – The Carpatho-Balkan-Dinaric Region (Современа еволуција на релјефот – Карпато-Балканско-Динарски регион). Станува збор за научна публикација на Карпато-Балканско-Динарската работна група (CBDRWG) која е секција на Меѓународното геоморфолошко друштво (IAG) – најголемото светско здужение на геоморфолози. Во монографијата, на 460 страници се обработени современите геоморфолошки процеси, проблеми и тенденции во 11-те држави што припаѓаат на Карпато-Балканско-Динарската област и тоа: Полска, Чешка, Словачка, Украина, Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и Македонија. Во првиот дел е даден осврт на геотектонските, климатските и хидрографските карактеристики на целиот регион, како и приказ на покровноста и начините за користење на земјиштето во регионот. Во следниот дел се презентирани националните поглавја во обем од по 30-тина страни. Во нив се дадени основните геоморфолошки одлики, потоа сознанијата за промените на релјефот во последните неколку децении, влијанието на човекот врз тие промени и најновите корелации на климатските промени и релјефната еволуција. На крајот е даден заклучокот и индексот на поими.
Инаку, на оваа монографија се работеше речиси 3 години, почнувајќи од 2009-та година. Главни уредници се д-р Лоџи Денеш од Унгарија, д-р Милош Станковиански од Словачка и д-р Адам Котарба од Полска, сите истакнати универзитетски професори – геоморфолози.
Од големо значење е што за прв пат во ваква меѓународна монографија има одделно поглавје за Република Македонија, претставено на 30 страници и изготвено од професори на Институтот за географија (ПМФ) во Скопје (д-р Драган Колчаковски и д-р Ивица Милевски). Со тоа, сознанијата поврзани со релјефот на нашата држава станаа широко достапни на меѓународниот научен аудиториум и тоа во електронска и во печатена форма (http://www.springerlink.com/content/r46320/#section=1008062&page=1).
Се надеваме дека нашата соработка со Меѓународното геоморфолошко друштво ќе е уште поинтензивна во идниот период, а со тоа и нашата презентација пред светската научна јавност.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5237 пати!