Познатиот египетски геоморфолог д-р Магди Тораб, одушевен од посетата на Македонија

5.08.2013

На 30, 31 јули и 1-ви август, во посета на Република Македонија беше познатиот египетски и светски геоморфолог, емеритус проф. д-р Магди Тораб од Универзитетот во Александрија, Египет, кој воедно е претседател на египетското здружение за заштита на животната средина. Истиот беше пречекан од членовите на Институтот за географија во Скопје: д-р Ивица Милевски, д-р Благоја Маркоски и д-р Свемир Горин, при што по краток одмор беше изведена заедничка кратка екскурзија до планината Водно, а потоа прошетка и разгледување на градот Скопје. Следните два дена беа искористени за подолга екскурзија низ западниот и централниот дел на Македонија со цел запознавање на гостите со навистина интересните географски (а пред се релјефни) карактеристики на нашата држава. Во организација и придружба на д-р Ивица Милевски, проф. Тораб ги разгледа пејсажите по долината на реката Радика, потоа околу Охридското Езеро, планината Галичица, Преспанското Езеро, Пелистер, Пелагонија, Тиквешијата, долината на Вардар и други подрачја. Проф. Тораб кој ги има посетено и истражувано сите континенти и десетици држави, не го криеше воодушевувањето од преубавата природа и разновидноста што ја виде на така мал простор. Во таа смисла посебно беше посочена интересноста на релјефот и геотектонските карактеристики кои се сменуваат на многу кратки растојанија, како и потребата сето наведено да биде пошироко претставено пред меѓународната научна јавност.
Покрај договорената понатамошна соработка со посета на повеќе познати египетски географи на Македонија и тоа веќе за време на Симпозиумот на Македонското географско друштво од 12 до 15 септември оваа година, во план е подготовка и публикација на заеднички трудови во познати интернационални, египетски и македонски списанија. Исто така, гостите упатија покана за стручно-научна посета на Египет, што веројатно ќе биде остварено во текот на следната (2014-та) година. Воедно, се разговараше и за научната соработка во рамките на Меѓународната геоморфолошка асоцијација (IAG) и регионалните асоцијации и тела.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4053 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *