Откриена екстрасоларна планета на која е можен живот

3.02.2012

Астрономите од универзитетот во Калифорнија, открија планета оддалечена 22 светлосни години на која е можен живот. Тоа е 4-та таква до сега откриена планета надвор од границите на нашиот Сончев систем и со можеби најповолни услови за живот во однос на претходно откриените. За сега оваа планета е означена како GJ 667Cc, според ознаката на ѕвездата околу која орбитира и додавка „c“ на крајот. Се работи за планета која е 4,5 пати помасивна од Земјата и која многу лесно би можела да биде населива. Се наоѓа во соѕвездието Шкорпија и можно е на својата површина да има течна вода, па дури и живот каков што го знаеме. Ѕвездата околу која орбитира оваа планета е црвена џуџеста ѕвезда од класата М, со површинска температура од околу 2000-3000 степени, односно значително помалку во однос на нашето Сонце (класа G и температура од 6000 степени).
Стивен Вог, астроном на универзитетот во Калифорнија објаснува дека новооткриената планета се наоѓа во населивата зона на својата матична ѕвезда. Тоа значи дека планетата не е преблизу до своето сонце, така што водата не испарува, а не е ниту предалеку за на површината да е престудено. На оваа планета која веќе почнаа да ја нарекуваат „Суперземја“ и се потребни 28 дена да опише круг по орбитата околу својата ѕвезда. Соѕвездието Шкорпија во кое се наоѓа „Суперземја“, по хемискиот состав е значително поразлична од нашиот систем, бидејќи има многу помалку тешки елементи како железо, јаглерод и силициум.
Без оглед што се откриваат се повеќе екстрасоларни планети погодни за живот или на кои веќе можеби и има некакви форми на живот, барем во догледна иднина не е можно тие да се посетат или да се „видат“. Така и оваа последно откриена планета која е на астрономски „мало“ растојание (22 светлосни години), од нас е оддалечена фантастични 200.000.000.000.000 км, па дури и на најбрзите денешни вселенски летала би им биле потребни околу 150.000 години да отидат до планетата (и уште толку да се вратат). Можеби во некоја скорешна иднина ќе се конструираат летала значително побрзи од денешните кои патуваат со „само“ 20-50 км во секунда, па ќе е можно до ваквите интересни планети да се стигне за неколку стотици години!

Подготвил: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 4988 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *