13.06.2019
Истражувачите го потврдија постоењето на егзопланетата Проксима Б, т.н. „Втората Земја“ за која веруваат дека има вода заради идеалната температура на површината која ја поседува. Истражувачите веруваат дека температурата на површината на планетата би можела да биде помеѓу -90 и +30 степени Целзиусови. Оваа планета се наоѓа во системот Проксима Кентаури, кој пак е најблискиот ѕвезден систем до Сончевиот. Се верува дека планетата има океани, исто како и Земјата и може да го одржи вонземскиот живот. Во минатото, во вселената биле откриени илјадници егзопланети, но ниту една од нив не е како Проксима Б. Се претпоставува дека оваа планета е околу 1,3 пати поголема од нашата планета Земја, односно со пречник од околу 16.000 km.
Проксима Б се наоѓа на само четири светлосни години оддалечена од Земјата. Сепак, за технологијата со која располагаме денес, дури и ова растојание е фантастично големо (40 илјади милијарди километри) и би можело да се помине за неколку илјади години. Затоа, за да се посети оваа планета во некоја блиска иднина, ќе мора да се конструира супер брзо вселенско летало што ќе овозможи барем за неколку години да се дојде до системот Проксима Кентаури. Ако планетата се покаже како „Втора Земја“, таа би можела да стане една од најдобрите опции за идна човечка колонизација. Според истражувачите, Проксима Б може да биде најдобрата можност за да се најде доказ за постоење на жив свет надвор од Сончевиот Систем. Проксима Б е најблиската планета што некогаш е откриена, а според истражувачите, мисијата на планетата за потрага по знаци на живот може да биде нешто остварливо во нашиот живот.
Многу егзопланети се пронајдени, а уште многу сигурно ќе се пронајдат, но потрагата по најблискиот потенцијал на Земјата е успех и искуство за сите нас. Треба да се признае дека напорите и желбата да се открие нешто ново надвор од нашата планета на многу луѓе се собрани и резултираа со позитивен впечаток. Бидејќи веќе постојат два труда кои ја опишуваат потенцијалната можност за живеење на Проксима Б, во блиска иднина се надеваме на нови сознанија и дека следната потрага по живот на оваа планета ќе биде докажана во целост.
Идните набљудувања што ќе се одвиваат со помош на телескопот што се гради во Чиле, ќе овозможи понатамошно испитување на Проксима Б и на хипотетичко присуство на дебела атмосфера и резевоар на вода.
Изработила: Бојана Алексова – студент на наставна географија
Оваа статија е прочитана 6183 пати!