17.12.2014
На четири часа пешачење од Крива Паланка, преку манастирот Свети Јоаким Осоговски ќе стигнете до месноста наречена Калин Камен. Пред вас ќе здогледате детски парк, спортски игралишта, мало вештачко езерце, ловечка куќичка, букова шума, прекрасни ливади и една голема карпа која месното население ја нарекува Калин Камен. Токму таа карпа е причината заради која илјадници туристи пешачат цели 4 часа. Според легендата стара неколку векови, се верува дека во кривопаланечкиот регион, во времето на Отоманската империја живеела млада мома која била најубава од сите девојки. Од нејзината убавина бил воодушевен и турскиот ага кој ја грабнал Калина и ја затворил во неговиот сарај. Таа, не сакајќи да се потурчи и да биде жена на агата, една ноќ избегала од сарајот и се упатила кон каменот под Царев Врв. Патот пешаќејчи го поминала за 4 часа. Таа ноќ Калина се фрлила од карпата. Во чест на Калина, народот ја нарекува карпата Калин Камен. Подоцна, оваа месност била населена од влашки семејства. Се занимавале со сточарство, одгледувале илјадници грла овци, кози, говеда и коњи. Власите кои живееле на Калин Камен се познати по квалитетот на овците, волната и пастрмата. Секоја година на 28 август, на празникот на манастирот Свети Јоаким Осоговски, власите дарувале по 200 овци и јагниња на манастирот. Но, по нивното иселување пред 70 години, кај месноста Калин Камен може да се забележат само грнци, стомни и предмети, а на поранешните населби денес се изградени капацитети за стадата овци кои се одгледуваат на Осоговските Планини. Според некои тврдења, под влашката населба (т.н. Влашки Колиби) се наоѓа злато закопано од времето на Отоманската империја. Тоа е причината заради која многумина нелегално вршеа ископувања на овој регион. Но, по 2000 година Калин Камен е под заштита на општина Крива Паланка. Нелегалните ископувања се запрени, а месноста прераснува во вистинска туристичка атракција.
Калин Камен е на надморска височина од 1870 метри и претставува еден од најубавите врвови на Осоговските Планини. Располага со преубави скијачки патеки, забавен парк и ловечка куќичка и други објекти. Во неговата околина има пријатни места за одмор и рекреација и мал спортски терен, а во 2009 година за прв пат се организираше ревијално рели за возила со погон на четири тркала. Местото е познато по живописните прошетки до познатите места покрај самиот врв Калин Камен, како што се езерата на Калин Камен, месноста Влашки колиби и Влашка мандра. Денес е интересно и по одржувањето на релито „Калин камен“ (Туристичко рели „Калин Камен“). Оваа манифестација од 2009 година се одржува по иницијатива на оф–роуд возачите, а во организација на Општина Крива Паланка и Здружението на граѓани Авто мото клуб „Офф Роад Осогово“. Релито, традиционално, се оддржува на 24 мај, во чест на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Манифестацијата има ревијален карактер. Должината на патеката е 64 километри, а 80 отсто од неа се одвива на неасфалтиран пат. Висинската разлика помеѓу најниската и највисока точка – Царев Врв (2085 метри надморска височина) е 1500 метри. Патувањето трае околу 8 часа со паузи на учесниците, бидејќи околу 80 проценти од теренот се состои од црн пат. Додека трае патувањето можат да се доживеат сите четири годишни времиња со атмосферски премини, дожд, сонце, ветер па и снежна покривка. Осоговската планина е прекрасна, преполна со пасишта и диви коњи кои галопираат недалеку по зеленилото.
Подготвила: Митовска Емилија